Николоски вели дека веќе имал една средба со претставниците на овој конзорциум на која кажал дека договорот треба да се декласифицира
Прашан дали нашле криминал во овој проект, за што ја обвинуваа тогашната влада, Николоски рече дека Државниот завод за ревизија има извештај во однос на оваа работа, кој е направен пред тој да стане министер, и оти сега Обвинителството треба да го разгледа

Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д е касифициран како државна тајна, а за да биде објавен потребна е согласност од двете страни за тој да биде декласифициран и јавноста да може да го види.
Николоски вели дека е многу поважно што земјата може да добие од тој договор и најави дека главната битка во годините што следуваат ќе биде да се добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано.
„Во однос на овој договор јавноста треба да знае дека тој е класифициран како државна тајна што според моето скромно правничко познавање на оваа материја мислам дека не е согласно закон затоа што е многу јасно во Македонија што може да се класифицира како државна тајна. Претпоставувам дека идејата на партнерот на другата страна била да се потпише еден договор во којшто не се изнесуваат детали на конкуренцијата, но тоа е една работа, а сосем друга работа е да потпишете договор државна тајна што создаде магла околу договорот“,
изјави денеска Николоски одговарајќи на новинарски прашања при неговата посета на Градежниот факултет во Скопје.
Тој рече дека веќе имал една средба со претставниците на овој конзорциум на која кажал дека договорот треба да се декласифицира.
Николоски во изјава за медиумите рече дека многу е поважно тоа што земјата може да добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано.
„Мислам и сигурен сум дека може да добиеме повеќе километри автопат од тоа што е потпишано во Договорот, односно повеќе километри за истата финансиска рамка. Тоа ќе биде нашата главна битка во годините што следуваат – да добиеме повеќе километри автопат во рамки на истата финансиска сума која што е договорена“,
рече Николоски.
Тој додаде и дека претходната влада на СДСМ и ДУИ веќе има исплатено 240 милиони евра на изведувачот за, како што рече, буквално ништо, односно за т.н. подготвителни работи што не ги гледаме.
„Мислам дека ќе биде недомаќински однос кон македонскиот буџет, ако сакате и душмански јас сега да го прекинам договорот, а тие средства се веќе кај изведувачот и не може да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и веројатно да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра на македонските граѓани, а да немаме ни километар автопат. Тоа што мислам дека е правилен пристап е да се бориме со нив, да добиеме што повеќе километри автопат, што побрзо изграден во Македонија“,
рече Николоски.
Прашан дали нашле криминал во овој проект, за што ја обвинуваа тогашната влада, Николоски рече дека Државниот завод за ревизија има извештај во однос на оваа работа којшто е направен пред тој да стане министер, и оти сега Обвинителството треба да го разгледа.
Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, прашан за реализацијата на договорот со „Бехтел и Енка“ изјави дека според она колку што е информиран за тој проект, досега нема технички проблеми што влијаат на динамиката на реализација.
Договорот за изградбата на коридорите 8 и 10-д меѓу Владата и американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ беше потпишан на 8 март годинава. Со него е предвидена изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан на Коридорот 8 и на автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10-д.
До проектната единица – Јавното претпријатие за државни патишта веќе се доставени инфраструктурни проекти за сите делници, освен за Требешништа – Струга – Ќафасан. Доставени се и елаборати за експропријација за Тетово –Гостивар и Гостивар – Букојчани, а до крајот на месецов се очекуваат елаборати и за Прилеп – Битола.
На „Бехтел и Енка“ досега им се исплатени две транши, од 117 милиони евра и од 53 милиони евра согласно Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10-д за 2023 година, со која за годинава се предвидени вкупно 243 милиони евра.
За да се овозможи изградбата на автопатските делници од двата коридори Собранието на 26 мај, откако веќе беше потпишан Договорот со „Бехтел и Енка“, донесе измени и дополнувања на вкупно пет закони.
Најмногу контроверзии и реакции во јавната дебата предизвикаа измените на Законот за работните односи. Со нив се носи одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
Во врска со ова Уставниот суд оформи предмет за оценување на уставноста на дел од измените на Законот за работни односи, а кои се однесуваат на прекувремената работа на работниците ангажирани на изведбата на коридорите 8 и 10-д, што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, по поднесени иницијативи, од кои една од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Контроверзии предизвика и изборот на надзор и консултант над работата на „Бехтел и Енка“, за што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори предистрага, а предмет во врска со Договорот отвори и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).