Првиот вицепремиер Артан Груби оцени дека денеска е голем ден бидејќи е одобрен договорот за овие автопатишта откако таков предлог дал Комитетот за преговори со кој раководи тој
Владата на денешната седница го одобрила договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д кои треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а надзор да врши конзорциумот „ИРД инженеринг“, соопштија од кабинетот на првиот вицепремиер Артан Груби.
Зеленото светло за договорот доаѓа по предлог на Комитетот за преговори за изградба на овие автопатишта со кој раководи токму Груби, а по завршени четиринеделни преговори меѓу консултантот за финансиски трансакции на Владата, ИРД и „Бехтел и Енка“.
„Денеска е голем ден во Управниот комитет и во Владата каде што го разгледавме извештајот на нашиот консултант за преговорите со конзорциумот ’Бехтел и Енка‘ за изградба на коридорите 8 и 10-д, како и одобрување на содржината и потпишување на договорот“,
истакна Груби.
Од неговиот кабинет посочуваат дека Владата пред неколку недели го одобрила и заклучокот дека се исполнети сите предуслови за почеток на преговорите и формирање на работни групи меѓу „Бехтел и Енка“ и ИРД.
Коридорот 8 е долг 68 километри и станува збор за автопатот од Тетово до Гостивар, потоа кон Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-д е на делницата од Прилеп до Битола со должина од 40 километри и има шест ленти, а периодот на изградба е три години од почетокот на работите.
Токму договорите поврзани со изградбата на овие автопатишта деновиве се една од најактуелните теми во јавноста и прозивки меѓу опозицијата и власта.
Добитниците на тендерот за надзор на изградбата беа тема и на новинарско истражување на „Призма“. Надзорот треба да го врши конзорциумот „ИРД инженеринг“, а покрај ИРД, дел од него се уште три фирми.
Меѓу нив се шпанската „Ептиса“ и две домашни фирми „Евро консалтинг“ и „Електра солушн“. Еден од сопствениците на „Евро консалтинг“ е македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ кој во Ерменија работел за фирмата „Ептиса“. Сега, како што објави „Призма“, тој е под истрага на ерменското обвинителство за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“.
Вчера, во реакција од „Ептиса“ насловена „Официјален демант“ генерално наведуваат дека ги осудуваат „невистинитите, неточните и навредливите информации“, без притоа конкретно да кажат што е невистинито во новинарското истражување и медиумските објави што следуваа потоа.
Утрово, пак, во нова реакција го демантираа ерменското обвинителство нагласувајќи дека Димитријевиќ никогаш не бил ангажиран или вработен во „Ептиса“ на ниту една позиција.
Алсат ТВ, пак, исто така објави дека Владата пред околу три години донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат компанијата „Ептиса“ на тендери вредни над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Белаковце. Одлуката е донесена на седница на Владата одржана на 24 ноември 2020 година, а десет недели подоцна, односно на 9 февруари 2021 година, Министерството за финансии било известено дека Владата донела одлука за укинување на одлуката одобрена на 24 ноември 2020 година, а институциите заедно со општините сега можат да доделуваат тендери со вредност над 1 милиони евра на фирмата на обвинетиот од ерменските власти – „Ептиса“.
Четвртата фирма „Електра солушн“, дел од конзорциумот за надзор, е на Андон Ампов. Тој е син на Сотир Ампов, сопственик на Институтот за патишта од Велес, кој беше формиран како мала фирма со скромен паричен влог во 2021 година. Овој Институт за патишта, пак, заедно со хрватскиот институт ИГХ беа избрани во првиот тендер за надзор на изградбата на коридорите, меѓутоа тој пропадна бидејќи тие не доставија банкарска гаранција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
„Призма“: Од скандал во Ерменија до надзор на „Бехтел и Енка“ во Македонија
Изборот на надзорот за коридорите 8 и 10 беше транспарентен, велат од ЈП за државни патишта