Од шпанската фирма велат дека станува збор за невистинити информации објавени во медиумите, иако конкретно не наведуваат што е невистина
Шпанската компанија „Ептиса“, која е дел од конзорциумот на „ИРД инженеринг“ кој треба да врши надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-Д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“, попладнево испрати реакција насловена „Официјален демант“ во врска со истражувањето кое го објави „Призма“, а во кое беше наведено дека за оваа компанија во Ерменија работел македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ кој сега е под истрага на ерменското обвинителство.
Во дописот испратен до македонските медиуми, кој во продолжение го објавуваме интегрално, од шпанската компанија само генерално наведуваат дека ги осудуваат „невистинитите, неточните и навредливите информации“, без притоа конкретно да кажат што е невистинито во новинарското истражување и медиумските објави што следуваа потоа.
Во продолжение, реакција од „Ептиса“:
„Реномираната меѓународна консултантска компанија ‘Ептиса’ ја информира јавноста дека информациите објавени во (призма.мк) и објавени од некои медиуми во Северна Македонија погрешно ја прикажуваат вистината и суптилно навестуваат невистинити информации за нашата работа, со што го поткопуваат угледот на компанијата.
Најостро ги демантираме и ги осудуваме како невистинити, неточни и навредливи информациите и наводите објавени од медиумите или наведени од јавни личности. Нашиот правен тим започна постапка за брза правна заштита и правни дејствија за да се обезбеди заштита на вистината, точноста и интегритетот на компанијата. Секое понатамошно спомнување на ‘Ептиса’ во дадениот контекст ќе биде предмет на непосредни правни мерки за клевета.
Апелираме до институциите од Северна Македонија кои се вклучени во проект каде што ‘Ептиса’ е член на конзорциумот, да помогнат во спречувањето на натамошното ширење лажни и погрешно протолкувани изјави.
‘Ептиса’ сè уште не ги проценила штетата и негативните ефекти од овој неоправдан и неоснован напад, но го задржува правото да ги преземе сите соодветни правни дејствија за да ја надомести штетата на угледот.
Дополнително, ‘Ептиса’ може да размисли и за преземање правна постапка против сторителот на објавените информации со цел дополнително да ја заштити репутацијата и да спречи идни клеветнички дејствија. Важно е јавноста и релевантните чинители да бидат свесни за вистината околу оваа ситуација.
Бараме објавување на овој демант како и повлекување на изнесените невистини“.
Оваа шпанска компанија, како дел од конзорциумот на „ИРД инженеринг“, на 2 февруари годинава потпиша договор за надзор на автопатиштата од коридорите 8 и 10-Д кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Кој ќе го прави надзорот, се избра во вториот обид, откако првиот пропадна.
Покрај „Ептиса“, дел од конзорциумот на „ИРД Инженеринг“ е и „Евро консалтинг“. Со двете, како што објави „Призма“, се поврзува македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ – тој е еден од сопствениците на „Евро консалтинг“, а за „Ептиса“ работел во Ерменија. Ерменските власти, пак, го гонат Димитријевиќ токму поради неговата работа во Ерменија во изградбата на патни коридори. Конкретно тој е под истрага за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“.
Четвртата фирма – дел од конзорциумот за надзор (заедно со „ИРД“, „Ептиса“ и „Евро консалтинг“) е домашната фирма „Електра солушн“ на Андон Ампов. Тој е син на Сотир Ампов, сопственик на Институтот за патишта од Велес, кој беше формиран како мала фирма со скромен паричен влог во 2021 година. Овој Институт за патишта, пак, заедно со хрватскиот институт ИГХ беа избрани во првиот тендер за надзор на изградбата на коридорите, меѓутоа тој пропадна бидејќи тие не доставија банкарска гаранција.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
„Призма“: Од скандал во Ерменија до надзор на „Бехтел и Енка“ во Македонија
Изборот на надзорот за коридорите 8 и 10 беше транспарентен, велат од ЈП за државни патишта