Ковачевски вели дека Владата не врши евалуација на документи за компаниите туку стручна комисија, но нагласува дека обврска е на тој што ќе го добие тендерот навремено да го исполни договорот
Ако некој се сомнева во однос на интегритетот, вработените, подизведувачите или на кој било од учесниците во проектот за изградба на коридорите 8 и 10-Д, тоа може да го пријави, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.
Овие коридори ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Неговата изјава доаѓа откако вчера „Призма“ објави дека во дел од конзорциумот „ИРД инженеринг“, кој го доби тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10 Д, се фирми во кои свој удел има и македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ кој е под истрага на обвинителството во Ерменија за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“. Во Македонија, пак, фирмата на која Димитријевиќ е еден од сопствениците е „Евро консалтинг“ ДОО, како и фирмата за која работел во Ерменија, шпанската „Ептиса“, се дел од конзорциумот што ќе треба да прави надзор на изградбата на автопатиштата кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Ковачевски во денешната изјава, пак, вели дека Владата не врши евалуација на документи за компаниите туку стручна комисија, но нагласува дека обврска е на тој што ќе го добие тендерот навремено да го исполни договорот.
„Владата не врши евалуација ниту прибирање на документи по однос на компании, тоа го прави стручна комисија. Компанијата ИРД ќе работи заедно со американски ’Бехтел‘, а доколку има лица или подизведувачи за кои постои сомнение за нивниот интегритет од страна на кого било во државата, тогаш тоа може да го пријави во Јавното обвинителство. Меѓутоа, обврска на компанијата што го има добиено тендерот за извршување на надзорот на сите делници, без разлика кој е во нивниот конзорциум, таа има обврска тоа да го направи навремено и во квалитет кој е според договорот, а нормално заеднички во соработа со американски ’Бехтел‘“,
рече Ковачевски.
Тој повтори дека изградбата на коридорите 8 и 10-Д (станува збор за автопатските делници Гостивар – Кичево, Тетово – Гостивар, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола) е најголемиот инвестициски и инфраструктурен проект што ќе се прави во државата од нејзиното осамостојување. Договорите за нивна изградба, рече, се со гаранција и одлуката за тоа кој ќе биде изведувач ја донесе парламентот, додека за тоа кој ќе биде надзорот потсети дека досега имало две постапки за избор.
„Коридорот 8 и коридорот 10-Д ги гради американскиот ’Бехтел‘ во конзорциум со ’Енка‘. Тоа ќе биде најголем инвестициски и инфраструктурен проект во државата од нејзиното осамостојување. После Коридорот 8, Коридорот 10-Д е најголем. Тој договор е со суверена гаранција, односно со одлука на парламентот во однос на изведувачот, а кај надзорот беа спроведени две постапки за јавна набавка, каде првата беше неуспешна заради избраната компанија во тоа време не можеше да обезбеди банкарска гаранција, а сега со спроведена целосна процедура за јавна набавка надзорот да го врши го доби реномирана странска компанија ИРД со која е потпишан и договор“,
рече Ковачевски.