Во однос на достапноста на услугите, министерот на денешната прес-конференција по повод Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ, соопшти дека до крајот на август на Националниот портал се достапни 338 услуги, вклучително и делумно електронски, но следна цел е сите процедури да се заокружат така што граѓанинот сè ќе завршува од компјутер или телефон – од аплицирање до добивање на конечниот документ
Сериозен скок од умерено на ниво на меѓу умерена и добра подготвеност – ова е клучната констатација во Извештајот на Европската комисија за 2026 година во делот на Поглавјето 10 („Дигитална трансформација и медиуми“), која денеска на прес-конференција ја посочи министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Министерот на прес-конференцијата, на која ги презентира главните констатации од Извештајот на ЕК, а кои се однесуваат на секторот дигитализација, издвои пет области: електронските услуги, размената на податоци меѓу институциите, електронското управување со документи, кибербезбедноста и вештачката интелигенција (ВИ).
Како еден од главните следни чекори за намалување на бирократијата, Андоновски најави дека во наредните три месеци уште 20 државни институции ќе бидат интегрирани во централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива. Целта на овој процес, според министерот, е административните предмети од почеток до крај – од самиот прием, преку обработката и потпишувањето, па сè до архивирањето – да се одвиваат исклучиво по дигитален пат.
„Поднесувањето електронско барање само по себе не значи ништо, ако документот потоа се печати, се носи од канцеларија во канцеларија или со денови се чека на физички потпис. Системот мора да овозможи целосно дигитално следење на предметите и јасна одговорност за тоа кај кого се наоѓа предметот и како се постапува со него“,
кажа Андоновски.
Говорејќи во врска со овој сегмент, тој посочи дека Европската комисија нотира дека до крајот на јуни 2026 година, централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива – еДМС го користеле 44 институции, а неговото воведување е препознаено и во делот за реформата на јавната администрација.
Скок во трансакциите и најава за дигитален паричник
Во однос на достапноста на услугите, министерот соопшти дека до крајот на август на Националниот портал се достапни 338 услуги, вклучително и делумно електронски, но следна цел е сите процедури да се заокружат така што граѓанинот сè ќе завршува од компјутер или телефон – од аплицирање до добивање на конечниот документ.
Еден од најиллустративните показатели за напредокот во меѓуинституционалната комуникација, според изнесените податоци, е драстичниот раст на трансакциите на платформата за размена на податоци (интероперабилност).
Така ако во 2024 година имало 700 000 трансакции месечно, минатата година на месечно ниво нивниот број изнесувал 1,4 милиони, додека во досегашниот период од 2026 година, тој е неколкукратно зголемен и изнесува 5,2 милиони транскации.
„Инситуциите мора активно да разменуваат податоци меѓу себе, а не граѓаните да бидат курири кои носат документи од еден на друг шалтер“,
истакна тој.
Како следен голем чекор во олеснувањето на секојдневието на граѓаните, министерот го посочи понатамошниот развој на дигиталниот парилник, преку кој личните документи и јавните услуги ќе станат достапни директно преку мобилните телефони.
Вештачка интелигенција и сајбер-безбедност
Во однос на безбедноста на податоците, според министерот, Европската комисија во извештајот позитивно го нотирала воспоставувањето на владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти (CERT), како и градењето на стручни капацитети за препознавање и координирано одговарање на киберзакани.
На полето на новите технологии, Андоновски соопшти дека Владата и Министерството инвестираат над милиони денари во проектот „Везлика“, кој го координира Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Преку партнерството со европската мрежа „Фарос“, овој проект ја поврзува земјава со европскиот екосистем за вештачка интелигенција, со што се отвораат можности за истражувачите, студентите и бизнис-секторот, но и за директна примена на вештачката интелигенција во јавната администрација, наведе ресорниот министер.
Завршувајќи го обраќањето, Андоновски порача дека препораките од Брисeл не се само посочување обврски, туку секојдневни работни задачи, а вистинскиот успех на дигитализацијата ќе се мери исклучиво според тоа колку помалку граѓаните ќе чекаат по ред, колку побрзо ќе ги добиваат услугите и колку тие системи ќе бидат безбедни.
