Андоновски додаде дека веќе се променети 140 закони кои се однесуваат на прифаќањето електронски документи и бараат фотокопии од податоци и вели дека на истиот начин ќе се пристапи и кон ова

Од шест месеци до една година ќе бидат потребни за спроведување на законските измени кои ќе им овозможат на полициските службеници да ги прифатат дигиталните документи – лична карта и возачка дозвола, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Тој вели дека се работи на мапирање на членовите и на конкретните закони што треба да се сменат, а МВР работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува за да може полицајците да си ја вршат потоа својата работа.
„Ова е процес што мора да почне, а почнува од Министерството за дигитална трансформација со формирањето на дигиталниот паричник, кој е уреден во Законот за електронските документи, член 20-г, кој утврдува кој е начинот на верификација. Од ова, како и со целиот процес на дигитализација, почнуваат промени во сите други институции“,
рече Андоновски одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на саемот „Енерготехнома 2026“.
Андоновски додаде дека веќе се променети 140 закони што се однесуваат на прифаќањето електронски документи, кои бараат фотокопии од податоци и вели дека на истиот начин ќе се пристапи и кон ова.
Според него, МВР е партнер во целиот процес од првиот ден и оттаму се влечат податоците за личната карта и возачката дозвола.
„Потребни се одредени измени во подзаконските акти во МВР, кои се однесуваат на изгледот и формата на личната карта и возачката дозвола и очекувам дека на таков начин, со промени и со технолошко зголемување на техничките можности, една по една институција ќе почнат да ги прифаќаат. Ова е пракса од цела Европа, на овој начин се развиваат дигиталните паричници. Така ќе биде и кај нас“,
рече тој.
Андоновски додаде и дека веќе се разговара со претставници од банкарскиот сектор, кои велат дека и во нивната регулатива имаат забелешки, што им бараат да чуваат фотокопија од личната карта при секое ажурирање на податоците.
„Таквите процеси во секој поединечен закон ќе треба да ги менуваме, но ова е постапка што ја почнавме и ќе одиме само напред“,
кажа министерот.
Како што додаде, Полска ја има воведено оваа алатка во 2019 година, но во 2021 полицијата почнала да прифаќа електронски документи издадени од Министерството за внатрешни работи.
„Оттука, очекувам дека нам ќе ни бидат потребни најмалку од шест месеци до една година да ги завршиме неопходните измени. Ќе почнеме и од приватниот сектор, од супермаркети, локали, барови, банки, осигурителни компании. Ова е процес што ќе треба полека да влегува во секоја институција, не е само Министерството за внатрешни работи“,
објасни министерот Андоновски.
Министерството за дигитална трансформација вчера ја промовира мобилната апликација „м.Услуги“, со која граѓаните добиваат дигитален пристап до јавните услуги и своите електронски документи.
Андоновски рече дека апликацијата е бесплатна и доброволна и оти претставува дополнителен, побрз канал за пристап до услугите и не ги укинува традиционалните шалтери.
Тој потенцира дека „м.Услуги“ е почеток, а не завршен производ, како и оти апликацијата континуирано ќе се надградува.
