„Особено значење има и фактот што ‘Везилка’ ќе придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик. Во време кога новите технологии се повеќе стануваат простор во кој се создава и споделува знаење присуството на сопствениот јазик претставува прашање на културен контиунитет, научен развој и национална самодоверба. На тој начин се создаваат услови македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во современите технолошки процеси и достапен за идните генерации во дигиталната ера“, рече Мицкоски во своето обраќање на промоцијата
Македонија денеска и официјално го промовираше проектот „Везилка“ – Национална фабрика за вештачка интелигенција, кој има за цел да создаде инфраструктура за развој на современи технологии, истражувања и иновативни решенија со примена на оваа технологија. Проектот треба да ја поврзе и домашната научна заедница, државните институции и приватниот сектор со европската инфраструктура за развој на вештачка интелигенција.

„Везилка“ треба да придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик бидејќи, како што беше речено на промоцијата, дигиталното присуство на македонскиот јазик, како еден од јазиците со најмал број говорители во светот, е прашање и на зачувување на македонскиот културен идентитет.
Овој предизвик за мала нација како што сме ние е голем, меѓутоа е и нова можност, порача премиерот во своето обраќање на промоцијата.
„’Везилка’ е почеток на процес кој ќе придонесе за посилна наука, подобра економија и поголеми можности за младите луѓе, и кој ќе помогне земјата да се позиционира онаму каде знаењето е многу значајно и во исто време да ја поддржува иновативноста и да создава услови иднината да се гради дома со домашен потенцијал, домашна експретиза и домашна визија“,
рече Мицкоски.
Според премиерот, пристапот до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и до напредни супер компјутерски капацитети ќе овозможи идеи создадени во државава да добијат можност да се натпреваруваат на европско и глобално ниво. Тоа, потенцира тој, претставува силен поттик за економски раст за нови работни места и нови можности за генераците што доаѓаат.
Преку овој центар, оцени премиерот, се отвораат нови перспективи за македонските истражувачи и универзитети, за стартап-заедницата и за компаниите кои сакаат да развиваат прозводи и услуги со висока додадена вредност.
„Особено значење има и фактот што ‘Везилка’ ќе придонесе за развој на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик. Во време кога новите технологии се повеќе стануваат простор во кој се создава и споделува знаење присуството на сопствениот јазик претставува прашање на културен контиунитет, научен развој и национална самодоверба. На тој начин се создаваат услови македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во современите технолошки процеси и достапен за идните генерации во дигиталната ера“,
кажа Мицкоски.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на промоцијата рече дека со „Везилка – Националната фабрика за вештачка интелигенција” започнува процес што ќе трае со години и ќе остави траен белег врз нашата економија, наука и општество.
„И затоа нашата цел е јасна – да изградиме Македонија која не ја следи технолошката иднина, туку активно учествува во нејзиното создавање“,
рече министерот.
Нашата визија, додаде Андоновски, е вештачката интелигенција да стане алатка во служба на поефикасна администрација, поголема транспарентност, подобро планирање и поквалитетни услуги за граѓаните. На ваков начин, додаде тој, се поставува темел на нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој.
„Визија во која нашата држава не е само корисник на новите технологии, туку нивен активен создавач. И тоа не како ад-хок проект кој ќе се заборави по неколку денови, туку како системска трансформација“,
рече Андоновски.
Преку „Везилка“, посочи министерот, Македонија ќе добие директен пристап до европски суперкомпјутери, напредни податочни простори и современи алатки за развој и тестирање на модели на вештачка интелигенција. Ова, според него, значи дека нашите истражувачи, компании, стартапи, институции ќе можат да работат со инфраструктура која до вчера била достапна само за најразвиените европски центри.

Евроамбасадорот Михалис Рокас смета дека денешниот настан е многу повеќе од инаугурација на уште еден проект финансиран од ЕУ и оти станува збор за поврзување на Северна Македонија со една од најамбициозните технолошки иницијативи некогаш преземени од Унијата.
„Преку иницијативата Фабрики за вештачка интелигенција (AI Factories), Европа создава мрежа од капацитети од светска класа кои на едно место ги здружуваат компјутерската моќ, податоците, талентот, истражувачките институции, стартапите, индустријата и јавните власти. Денес, 19 фабрики за вештачка интелигенција и 13 антени за вештачка интелигенција помагаат во изградбата на вистински меѓусебно поврзан европски екосистем за вештачка интелигенција. Преку Заедничкото претпријатие за европско компјутерско работење со високи перформанси (EuroHPC), Европа инвестира милијарди евра во напредна суперкомпјутерска инфраструктура, додека иницијативата „Инвест АИ“ (Invest AI) има за цел да мобилизира до 200 милијарди евра јавни и приватни инвестиции за поддршка на развојот на доверлива вештачка интелигенција. Ова не е едноставно само прашање за технологијата. Станува збор за идната конкурентност на Европа и нејзината стратешка автономија. Станува збор за осигурување дека иновациите му служат на општеството и дека придобивките од вештачката интелигенција се широко и еднакво споделени. И ова е токму причината зошто „Везилка“ ја претставува портата на Северна Македонија во овој екосистем на вештачка интелигенција“,
рече евроамбасадорот во обраќањето.

Професорот Димитар Трајанов, кој е раководител на проектот, потврди дека петте области ќе бидат во фокусот на „Везилка’, но оти една од најзначајните работи ќе биде градењето модели за вештачка интелигенција кои ќе бидат базирани на македонски јазик.
„Прво треба да го решиме главниот проблем што овде количеството на дигитални податоци на македонски јазик е многу, многу мало. И мораме да направиме заеднички напор сите заедно да тоа го подигнеме на едно сосема соодветно ниво. И ‘Везилка’ тука ќе ја игра централната улога да тоа целото го направи“, рече професорот.
Според него, проектот треба да ја подготви државата за тоа што допрва доаѓа со развојот на вештачката интелеганција, а во таа насока, рече, не е толку важно какви се вештините на луѓето, туку каква е организацијата и дали таа поддржува имплементација на вештачката интелигенција.
„Сите почнуваме од едно исто рамниште, колку и како ќе успееме ние во таа трка да излеземе напред зависи само од нас. Тоа е поврзано само со нашата желба да се организираме и да бидеме агилни во тој процес“,
рече професорот.

„Везилка“ е воспоставена во рамките на Европската заедница за пресметување со високи перформанси (EuroHPC JU – European High Performance Computing Joint Undertaking) и кофинансирана од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“.
Проектот, кој го реализира Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во партнерство со Министерството за дигитална трансформација, има вкупен буџет од околу 6,2 милиони евра. Од нив, приближно 3,1 милиони евра се обезбедени како грант од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата EuroHPC, додека останатите средства се кофинансирани од државата, Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ – УКИМ. Планирано е проектот да се реализира во период од три години.
На промоцијата беше истакнато дека „Везилка“ не претставува самостојна „фабрика за вештачка интелигенција“, туку таканаречена „АИ антена“ – национален центар поврзан со европската АИ фабрика „Фарос“ во Грција. Преку ова партнерство, македонските истражувачи, стартапи, компании и јавни институции ќе добијат пристап до европски суперкомпјутерски капацитети, вклучително и суперкомпјутерот „Дедалус“, како и до напредни бази на податоци и специјализирани алатки за развој на модели со вештачка интелигенција.
