Ивановска рече дека не може да каже рокови, но нагласи дека тој предмет им тежи најмногу и оти со сите сили се вложени за да се сработи побрзо
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го добила договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ што го побара како дел од документацијата за предметот кој го отвори во однос на проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д и веќе формирала тим од четворица советници за анализа на предметот.
„Го побаравме договорот, го добивме и работиме на сите документи, што значи сега анализата е во тек“,
изјави денеска претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, во одговор на новинарско прашање.
Ивановска рече дека не може да каже рокови, но нагласи дека тој предмет им тежи најмногу и оти со сите сили се вложени за да се сработи побрзо.
„Го формиравме тимот. Тимот е составен од четворица советници. Секој е специјалист во својата област. На пример, некој во јавни набавки повеќе, некој во делот за вработувањата. Имаме еден одличен истражувач, тој секако е вклучен. Не можам да кажам некои строги рокови заради тоа што и времето ни е малку расцепкано. Постојано сме вклучени во скрининзите. Ние се координираме и кога не сме физички присутни, нели технологијата дозволува. Тој предмет ни тежи најмногу од сите, така што сите сили се вложени за да биде што побрзо“,
изјави Ивановска, која учествуваше на предавање во рамки на промотивната кампања за борба против корупцијата „Бидете херои на чесноста“ во ОУ „Коле Неделковски” во Општина Центар.
Покрај Антикорупциската комисија, и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите објавени во медиумите поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10-д, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, на крајот на март отвори предмет по допрен глас.
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“,
изјавија тогаш од ОЈО ГОКК за „360 степени“.
Поврзани вести:
- (ВИДЕО) Вртоглави суми за надзорот над „Бехтел и Енка“ – 300 илјади евра по преговарач, 20 илјади евра месечно за надзорен инженер
- (ВИДЕО) Нови спорни моменти во надзорот над „Бехтел и Енка“: Фалат клучни документи за 23 експерти
- (ВИДЕО) Фирмата со 27 „перманентно вработени“ инженери во надзорот над „Бехтел и Енка“ има само двајца вработени според годишната сметка за 2022 г.
- (ВИДЕО) За колку дена ваделе лиценца другите ако фирма од надзорот над „Бехтел и Енка“ завршила работа за 4 дена?
- (ВИДЕО) Ново издание на 360°: Како 24 експерти пријавени на 10 часа неделно ќе вршат надзор за целото работно време на „Бехтел и Енка“?