„Добри луѓе“ е сниман еден месец по кочанската трагедија, вели Манчевски и додава дека се чувствува почестено за довербата што му ја дале луѓето од Кочани за снимањето на филмот. Вели дека увиделе оти нема да се тера сензација ниту политика, туку дека филмот ќе биде медиум преку кој ќе можат да ја кажат својата приказна и да ја искажат болката. Иако не е документарист и вели дека има голема сомнеж кон овој жанр, Манчевски вели дека веднаш откако слушнал за трагедијата помислил дека треба да се снима документарец
Во Куршумли-ан во Старата скопска чаршија вчеравечер се одржа македонската премиера на долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ во режија на Милчо Манчевски, кој ја тематизира трагедијата во Кочани во која животите ги загубија 63 лица, а многубројни беа повредени. Премиерата се одржа во рамки на 17. издание на фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“.

„Филмот сведочи за тагата што останува и за силата да се продолжи понатаму. Преку гласовите на преживеаните, семејствата и луѓето што несебично помогнале, Манчевски создава интимна рефлексија за загубата, сеќавањето и надежта. Без сензационализам, филмот им дава достоинство на личните сведоштва, претворајќи ги во универзална приказна за солидарноста, човечноста и истрајноста пред една незамислива трагедија“,
велат од „Македокс“.
По проекцијата, присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите од трагедијата, по што режисерот Манчевски одговараше на прашања од публиката. Целта на филмот, вели Манчевски, е на луѓето што директно се соочиле со трагедијата да им се даде платформа преку која ќе можат да бидат слушнати.
„Сакав да се забележат чувството, размислувањата и случувањата на луѓето што директно се соочиле со оваа трагедија. Намерата беше да им дадеме платформа, а ние филмаџиите да се повлечеме во втор план, затоа што забележав дека кај нас последниве децении се случуваат многу робусни работи, за нив сите зборуваат, а најретко зборуваат тие на кои директно им се случиле. Покрај самиот настан, мислев дека имаме можност да зборуваме со луѓе што поминале низ нешто што малкумина го гледаат, а тоа е да ѝ се гледа на смртта в очи. Тоа беше основната рамка. Идејата остана ова да биде еден аскетски, минималистички филм кој ќе биде документарен, но ќе биде и документ и платформа за луѓето кои поминаа низ овој пекол“,
порача режисерот на филмот.

„Добри луѓе“ е сниман еден месец по кочанската трагедија, вели Манчевски, и додава дека се чувствува почестено за довербата што му ја дале луѓето од Кочани за снимањето на филмот. Вели дека увиделе оти нема да се тера сензација ниту политика, туку дека филмот ќе биде медиум преку кој ќе можат да ја кажат својата приказна и да ја искажат болката. Иако не е документарист и вели дека има голема сомнеж кон овој жанр, Манчевски вели дека веднаш откако слушнал за трагедијата помислил дека треба да се снима документарец на оваа тема.
„Сметав дека ова е многу важен настан и дека тоа што луѓето од Кочани имаат да го кажат и тоа што го почувствувале мора да биде запишано во еден ваков формат. Многу ми е драго што филмот наидува на разбирање, иако беше прикажан само во Сараево и веќе има неколку рецензии. Луѓето го разбираат филмот, го разбираат минимализмот на филмот, го разбираат чувството, дури и таа трошка надеж на крајот од филмот“,
вели Манчевски.
На прашање од публиката дали филмот може да влијае врз актуелниот судски процес, тој рече:
„Јас сум режисер, не сум судија.“
Документарниот филм „Добри луѓе“ е снимен во продукција на „Банана филм“ со приватни средства на Манчевски. Снимател е Иван Ивановски, монтажата на Мишко Чунухин, а музиката на Игор Василев-Новоградска.
Светската премиера филмот ја имаше минатата недела на 32. Сараевски филмски фестивал.
