Не би можела сега однапред да коментирам околу Кривичниот законик во смисла дали истиот е уставен или има нешто што е спротивно на Уставот. Ние веќе имаме добиено две иницијативи токму за овој закон. Несериозно би било од моја страна ако јас однапред го кажам мојот став или размислување околу овој закон од аспект на надлежност на Уставниот суд, потврди претседателката Кацарска
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска е фрапирана од тоа со каква брзина се донесоа измените во Кривичниот законик.
„Од аспект како се донесоа имените на кривичниот законик, јас бев навистина фрапирана. Во еден ден беше расправата на Комисијата, наеднаш се стави на гласање, и уште пофрапирана бев што опозицијата не го блокираше Законот. Таму каде што ќе се договарат политичарите, или им одговара, таму нема блокада, но таму каде што сакаат да блокираат може да ја блокираат цела држава“,
рече Кацарска во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
На прашањето дали Уставниот суд по сопствена иницијатива треба да покаже проактивност и да ја испита уставноста на измените во Кривичниот законик, односно дали во судот се размислува за оваа можност, Кацарска рече дека Уставниот суд за да оформи предмет по сопствена иницијатива треба да има сомнеж во уставноста на некој закон или друг акт.
„Јавноста мора да цени дека ние имаме ограничена надлежност и се знае дека истата е утврдена во членот 110, алинеја 3 од Уставот. Не би можела сега однапред да коментирам околу Кривичниот законик во смисла дали истиот е уставен или има нешто што е спротивно на Уставот. Ние веќе имаме добиено две иницијативи токму за овој закон. Несериозно би било од моја страна ако јас однапред го кажам мојот став или размислување околу овој закон од аспект на надлежност на Уставниот суд“,
рече Кацарска.
Околу информациите во јавноста дека поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, со измените во Кривичниот законик ќе има можност да се врати како слободен граѓанин, Кацарска на ваквото прашање рече дека не може да даде прецизен, јасен, точен одговор.
„Морам да ги имам пред мене сите предмети што се водат против Никола Груевски. Јас не знам колку предмети има во судот против него, за кои кривични дела, која е казната и согласно новите измени од Кривичниот законик дали има кај некои застарување или не. Би било несериозно да давам одговор на вакво прашање затоа што немам факти за тоа. Имав три предмети од СЈО, тоа се ‘Тенк’, ‘Триста’ и ‘Транспортер’. Сите овие се завршени, тие се правосилни и се поминати и пред Врховниот суд. За тие предмети каде што е завршена постапката не може да важат овие измени на законот“,
додаде Кацарска.
Според неа со измените на Кривичниот законик многу предмети ќе застарат, а тоа ќе донесе и огромен трошок во буџетот на државата.
„Постојат постапки кои се водат со години и години, и кога ќе има застарување, тоа оди на трошок на буџетот, затоа често пати истото го коментирам, а и првично изјавата која ја давав реков дека ако имавме пресуди за некои предмети, навистина се прашувам дали ќе имаше и вакви измени на Кривичен законик. Не знам колку обвинети се во прашање и колку предмети се, затоа што ги знам само моите предмети, но ако е вистина она што го кажуваат медиумите дека 80 лица ќе бидат ослободени, односно ќе има констатација на застареност, тоа се големи парични средства. Се работи за тешки предмети, има голем број на обвинети по 70-80, повеќе кривични дела се опфатени во тие предмети, и обвинетите имаа по два, па и повеќе адвокати, тоа се верувајте големи трошоци, и затоа судиите се должни да работат професионално и чесно и мора да бидат експедитивни“,
рече Кацарска.
Предлог-измените на Кривичниот законик кои Владата ги поднесе во Собранието по скратена постапка (со европско знаменце) предзвикаа лавина реакции во јавноста. Со нив, меѓу другото, се предвидува намалување на казните во членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Тоа повлекува и порано застарување на кривичните дела.
Повеќе поврзани вести со измените во Кривичниот законик можете да прочитате на следните линкови: