„Имав контакт и со холандскиот амбасадор и со претставници од Хаг. Изразија загриженост и рекоа дека натаму ќе ја следат ситуацијата. Ништо повеќе од тоа, ништо повеќе од тоа што се најде во соопштението на Европската комисија. Ние сме во комуникација, Холандија беше, да речам, единствена која реагираше и директно, билатерално, а останатите преку ЕК“, вели вицепремиерот за европски прашања
Најповиканиот во Владата на темата евроинтеграции, Бојан Маричиќ, признава дека претставници на Холандија реагирале за измените во Кривичниот законик кои неодамна, со поддршка од владејачкото мнозинство, беа усвоени во Собранието. Холандија, според вицепремиерот, своите забелешки ги изнела по завршувањето на процедурата во парламентот и оваа земја, позната по својот строг однос во однос на владеењето на правото, била единствената која во таква форма реагирала до Владата.
Сепак, и покрај ова, според она што го кажа во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, Маричиќ не очекува дека официјален Хаг, ако поминат уставните измени, би бил пречка во натамошниот процес на пристапување на Северна Македонија во ЕУ.
Маричиќ: Имав контакт и со холандскиот амбасадор и со претставници од Хаг. Изразија загриженост и рекоа дека натаму ќе ја следат ситуацијата. Ништо повеќе од тоа, ништо повеќе од тоа што се најде во соопштението на Европската комисија. Ние сме во комуникација, Холандија беше, да речам, единствена која реагираше и директно, билатерално, а останатите преку ЕК.
360 степени: Реакцијата на Холандија беше на нивна иницијатива? Тие ве побараа?
Маричиќ: Да, тие нè побараа. Јас одговорив и ова што го кажувам јавно…
360 степени: Во која фаза беше реакцијата?
Маричиќ: Откако беше донесен законот, откако помина во парламентот.
360 степени: Не во меѓуфазата Влада – парламент?
Маричиќ: Не, откако беше донесен. Сите реакции беа откако законот беше донесен иако ние навремено ја информиравме и Европската комисија и претставниците на САД дека ќе се донесе таков закон.
360 степени: Дали очекувате ова да стане реално проблем во еден момент – Холандија да каже: ние сега не можеме да дозволиме процесот да продолжи дури и ако уставните измени се донесат?
Маричиќ: Не, не очекуваме. Мислам дека нема отворено прашање или проблем кое не можеме да го решиме во текот на преговарачкиот процес, сега е моментот. Имаме и холандски експерт кој работи на патоказот за владеење на право, заедно со нашиот тим. Мислам дека не постои точка која не можеме да ја ставиме како проблем за решавање во тој патоказ и за време на преговорите, но сега е битно да се фокусираме на…
360 степени: Но, нема назад за овие предмети, правник сте, и тоа го знаете.
Маричиќ: Да, да.