Според него, на овој начин ќе се исправи еден дел од последиците од приватизацијата од 90-тите, преку директно учество на граѓаните во државниот капитал

Граѓаните да бидат акционери во „Државна лотарија“ е дел од мастер-планот на СДСМ, најави вечерва лидерот на социјалдемократите Венко Филипче.
Филипче, во интервјуто во емисијата „Импакт“ на телевизија Шења, рече дека ваквиот модел би значел граѓаните директно да имаат удел во државна компанија, наместо да бидат само набљудувачи на начинот на кој се располага со државните пари.
„Во мастер-планот е и тоа да некоја од големите државни компании, по примерот на ‘Државна лотарија’, која е во чиста државна сопственост, тие државни акции ќе одат во рацете на граѓаните, односно на семејствата“,
рече Филипче.
Според него, на овој начин ќе се исправи еден дел од последиците од приватизацијата од 90-тите години, преку директно учество на граѓаните во државниот капитал.
„На тој начин, мислам дека сериозно, прво ќе се намали една болка, една лузна од неправедната приватизација во 90-те години, и второ, граѓаните ќе добијат акции од државна компанија која што добро работи, која за жал сега гледаме како се пљачка за концерти со 5 милиони евра на нетранспарентен и несоодветен начин. Нека бидат граѓаните акционери, да си имаат акции од државна компанија кои ќе може да им ги остават на своите деца и внуци“,
рече Филипче.
Ова е една од мерките што е дел од поширокиот мастер-план на СДСМ, во кој покрај европската интеграција, предвидени се и антикорупциски мерки, ветинг на функционерите и прогресивен данок.
„Еден од нашите постулати на нашиот мастер-план за државата, освен под број еден Европа, под број два е специјален антикорупциски закон, во кој ќе има и конфискација на имот, понатаму под број три ветинг на сите функционери, не само сегашни, од нас ќе почнеме, од мене прв, исто така и воведување на прогресивниот данок“,
рече Филипче.
