Од Министерството за здравство апелираат до граѓаните кои добиле СМС-порака со закажан термин, но се спречени да се појават на пунктот, навремено да го откажат терминот со цел тој да биде ослободен и достапен за друг пациент
Дополнителните над 26 000 дози вакцини против сезонски грип се пристигнати и веќе се дистрибуираат до вакциналните пунктови низ државата, информираат од Министерството за здравство за МИА.

Според податоците на здравствените власти, заклучно со денеска вакцина против сезонски грип примиле вкупно 28 035 граѓани, додека интересот за имунизација е значително поголем, односно преку електронската платформа „Мој термин“ досега се пријавени вкупно 79 011 лица.
Од Министерството прецизираат дека досега се закажани 54 778 термини, од кои 23 225 допрва треба да се реализираат во наредниот период. Оттаму посочуваат дека одѕивот на веќе поминатите термини е висок и изнесува 88,9 проценти.
Бесплатната вакцинација се спроведува на 31 вакцинален пункт во земјава, а приоритет имаат лицата постари од 65 години, граѓаните со хронични заболувања, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од шест месеци до пет години.
Од Министерството за здравство апелираат до граѓаните од ризичните групи да ја искористат можноста за заштита. Истовремено, упатуваат повик до сите кои добиле СМС-порака со закажан термин, но се спречени да се појават на пунктот, навремено да го откажат терминот со цел тој да биде ослободен и достапен за друг пациент.
