Буџетскиот дефицит, според Владата, останува непроменет (4,1 отсто од БДП). Со претходниот ребаланс тој беше утврден на 46,264 милијарди денари, односно околу 752,3 милиони евра. Разликата меѓу денеска објавените приходи и расходи изнесува 46,3 милијарди денари, или околу 752,8 милиони евра

Со новиот предлог-ребаланс на Буџетот, усвоен денеска од Владата, планираните приходи се намалуваат од 379,510 на 374,2 милијарди денари. Тоа е кратење од 5,310 милијарди денари, односно околу 86,3 милиони евра во споредба со претходниот ребаланс.
Расходите се намалуваат од 425,774 на 420,5 милијарди денари – за 5,274 милијарди денари, или околу 85,8 милиони евра.
Владата ја објаснува корекцијата со намалувањето на акцизата и ДДВ кај горивата. Но, од соопштението не може да се утврди кои ставки ќе го понесат кратењето.
Буџетскиот дефицит, според Владата, останува непроменет (4,1 отсто од БДП). Со претходниот ребаланс тој беше утврден на 46,264 милијарди денари, односно околу 752,3 милиони евра. Разликата меѓу денеска објавените приходи и расходи изнесува 46,3 милијарди денари, или околу 752,8 милиони евра.
Во споредба со првичниот буџет за 2026 година, дефицитот останува повисок. Првично беа планирани 39,239 милијарди денари, а со претходниот ребаланс износот беше зголемен за 7,025 милијарди денари, или за околу 114,2 милиони евра.
Во меѓувреме, реализацијата покажува дека јазот меѓу потрошените и собраните пари е поголем од планираниот за цела година. Според фискалниот бројач на Министерството за финансии, со податоци заклучно со 6 октомври, приходите изнесуваат 267,462 милијарди денари, или околу 4,349 милијарди евра, додека расходите достигнале 317,702 милијарди денари, или околу 5,166 милијарди евра. Разликата е дефицит од 50,240 милијарди денари, односно околу 816,9 милиони евра.
Тоа е за 3,976 милијарди денари, или околу 64,7 милиони евра, над годишниот план што Владата вели дека го задржува. Ова не значи дека годината нужно ќе заврши со пречекорување, но за да се постигне планираниот дефицит, во преостанатиот период приходите ќе треба да ги надминат расходите за приближно четири милијарди денари.
Предлог-ребалансот треба да биде разгледан и усвоен во Собранието.
