Целта на теренската кампања на ВМРО-ДПМНЕ, како што изјави премиерот и партиски лидер Христијан Мицкоски, е партијата да се запознае подобро со проблемите на граѓаните за во тој меѓупериод да ги подобри своите политики, а дел од нив потоа да ги вклучи во програмата за следните парламентарни избори во април 2028 година
Следните парламентарни изброи ќе се одржат некаде во април 2028 година, а мојот мандат како претседател на Владата завршува за нешто повеќе од една година. Ова, во одговор на новинарски прашања, денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали теренската кампања на владејачката ВМРО-ДПМНЕ насловена како „Очи в очи со народот“ е подготовка за предвремени парламентарни избори.

Целта на кампањата, според неговата изјава, е партијата да се запознае подобро со проблемите на граѓаните за, како што рече, во тој меѓупериод да се доподобри во своите политики, а дел од нив потоа да ги вклучи во програмата за следните парламентарни избори во април 2028 година.
„Кон крајот на декември 2027 година ќе имаме избор на техничка влада, така што би рекол дека мојот мандат како претседател на Владата е нешто повеќе од една година и еден месец. Логично е дека и јас како премиер и Владата сакаме да слушнеме и онаму каде што сме помалку успешни, да бидеме поуспешни ако е тоа возможно во овој период, ако не, во следниот мандат, така што тоа е целта на оваа теренска активност очи в очи го граѓаните“,
изјави Мицкоски.
Прашан да ги коментира обвинувањата на СДСМ – дека со ваквата теренска кампања ВМРО-ДПМНЕ ги копира политичките и изборните стратегии на експретседателот на Србија, Александар Вучиќ, тој вели:
„Не можам да ја коментирам опозицијата за секоја изјава, оставам на нивните ставови“.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека до крајот на годината партискиот лидер Христијан Мицкоски заедно со членовите на Извршниот комитет ќе започнат интензивни посети на општинските комитети и населените места низ државата за од прва рака од граѓаните да слушнат за нивните проблеми.
