Со измените е извршено приспособување на приходната и расходната страна, при што вкупните приходи се проектираат на ниво од 374,2 милијарди денари, додека расходите се проектираат на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит, информираат од Владата, се задржува на непроменето ниво

Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година денеска е усвоен на владина седница, информираат од прес-службата на Влада.
Со измените е извршено приспособување на приходната и расходната страна, при што вкупните приходи се проектираат на ниво од 374,2 милијарди денари, додека расходите се проектираат на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит, информираат од Владата, се задржува на непроменето ниво.
Измените доаѓаат како резултат на фискалното влијание од преземените владини мерки за поддршка на граѓаните и бизнисот, преку намалувањето на акцизата и ДДВ кај горивата.
Од Владата велат дека целта на предложените измени е да се одржи стабилноста на јавните финансии, да се обезбеди непречено и редовно функционирање на институциите, реализација на предвидените програми и навремено сервисирање на сите обврски.
Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот сега треба да биде доставен до Собранието на понатамошно разгледување и усвојување.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски на крајот на минатиот месец најави дека ќе има ребаланс на Буџетот кој до крајот на годината се очекува да биде покус за меѓу шест и седум милијарди денари од планираното. Најголем дел од отстапувањето во Буџетот рече дека се должи на мерките за одржување на ниските цени на горивата во земјава.
Пред два дена, пак, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, обвини дека лошото менаџирање на економијата, а не намалувањето на акцизите и ДДВ за горивата е причина за најавениот ребаланс на Буџетот.
Опозицискиот лидер оцени дека и покрај намалувањето на ДДВ и акцизата, вкупната цена на горивата во изминатиот период пораснала за повеќе од 50 отсто, што според него значи дека приливите во Буџетот од ДДВ и акцизи не би требало да бидат намалени, туку би требало да останат најмалку на исто ниво.
Пред речиси еден месец министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека се анализира дали ќе биде потребен нов ребаланс на буџетот за да се покријат, условно кажано, празнините во државната каса што ги создаваат мерките за амортизирање на ценовниот шок со горивата, или пак ќе се оди со пренамена на пари.
Таа тогаш рече дека кога бил подготвуван ребалансот на буџетот, изгласан од Собранието во јули, состојбите на Блискиот Исток биле помирни и не очекувале дека ќе се движат во друга насока.
Според Димитриеска-Кочоска, буџетот се полни во согласност со планираното, но, како што кажа, има одредени отстапувања во делот на акцизите.
