Тие сега за да го обременат сето ова и да му дадат европско знаменце, нормално ставаат и некои други членови кои апсолутно не се суштината на овој закон. Важно е да се каже дека се спремаат за опозиција и криминалот што го правеа изминатите шест години сакаат на овој начин да го сокријат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
СДСМ и ДУИ се подготвуваат за опозиција и сакаат на овој начин да го сокријат криминалот што го правеа изминатите шест години, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ги најавените измени на Кривичниот законик со европско знаменце кои Владата ги поднесе до Собранието.
„Ќе кажам две работи кои што се важни да се знаат. Првата работа е дека владата на СДСМ и ДУИ се спрема за опозиција. Зошто се спремаат за опозиција? Затоа што вака на шверцерски начин со злоупотреба на европско знаменце ги носи измените во Кривичниот законик, генерално во два члена, а тоа се членот кој што го опфаќа делот за злоупотреба на службена положба и вториот член е злосторничко здружување. Тоа се двата члена. И тие сега за да го обременат сето ова и да му дадат европско знаменце, нормално ставаат и некои други членови кои апсолутно не се суштината на овој закон. Важно е да се каже дека се спремаат за опозиција и криминалот кој што го правеа изминатите шест години сакаат на овој начин да го сокријат“,
изјави Мицкоски.
Тој порача дополнително порача „дури и да го носат законот со златно знаме, а не со европско, секој што се огрешил пред законот, а за што постои докази, ќе одговара“.
„Втората моја порака до нив е и со златно знаме да го донесат овој закон, има можности веднаш после падот на оваа криминална влада сите оние кои што сториле криминал, а за кои што постојат докази да одговараат и јас ви ветувам дека ќе одговараат“,
нагласи Мицкоски.
Владата до Собранието поднесе предлог за измени на Кривичниот законик, со европско знаменце. Тоа значи дека, според Владата, измените се однесуваат на усогласување со европското законодавство, а дополнително се бара измените да се усвојат и по скратена постапка.
Предлог-измените за одредени членови и образложенијата се напишани на 44 страници. Меѓу нив е предлог за намалување на казните во членот 353 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, а кој најчесто се употребуваше за гонење службени лица и функционери. Намалување на казните има и за делото „злосторничко здружување“ од членот 394. Тие повлекуваат и порано застарување на дел од кривичните дела. Повеќе во текстот на линкот подолу:
Измените во Собранието, како претставник на власта, ќе ги брани заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ. За повереник е назначен Мухамед Точи, државен секретар во Министерството за правда.
Зачудува фактот што Владата не го назначила министерот за правда Кренар Лога за нејзин претставник што треба да ја образложува потребата од носењето на овие предлог-измени.
„360 степени“ праша во Министерството за правда, која е причината што министерот Лога нема да се појави пред пратениците, а оттаму кратко ни одговорија дека тој од вчера е во службена посета на Босна и Херцеговина.
„Тоа е единствената причина“,
ни рекоа од Правда.