Првиот вицепремиер денеска одговарајќи на прашања во врска со измените на Кривичниот законик рече дека опозицијата, и македонска и албанска, треба „да си ги усогласат ставовите“, посочувајќи дека „македонската опозиција вчера на пленарната седница не гласаше против измените во Кривичниот законик коишто се хармонизација со европското право, туку остана на седницата, правеше кворум и го усвои дневниот ред”. Тој ги отфрли како апсолутна лага тврдењата на албанската опозиција дека измените во Кривичниот законик се прават за да се спаси поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта. Одговарајќи понатаму на прашањето, Груби рече: „Овие измени во Кривичниот законик освен што се хармонизација со европското право се и ексклузивно барање и на г. Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, на сите лидерски средби и на билатерални средби во однос на измените на Кривичниот законик и еве, имаат шанса тоа да си го направат во Собранието, впрочем тоа веќе и го направија со нивното учество во работата“
Освен што се хармонизација со европското право, измените на Кривичниот законик се и ексклузивно барање на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ова денеска го изјави првиот вицепремиер Артан Груби одговарајќи на новинарски прашања по увидот во градежните работи на автопатската делница Скопје – Тетово.

Прашањето што му беше поставено на Груби, во чиј одговор тој, меѓу другото, го изнесе и ова тврдење, беше дали има политичко пазарeње со промената на Кривичниот законик, со ВМРО-ДПМНЕ.
Груби во одговорот беше дециден и рече дека апсолутно нема такво нешто и дека опозицијата и во македонскиот и во албанскиот политички табор треба да си ги усогласи ставовите.
„Апсолутно не! Значи, треба опозицијата, и македонска и албанска, да си ги усогласат ставовите затоа што македонската опозиција, вчера на пленарната седница, сите бевте сведоци, не гласаше против измените во Кривичниот законик коишто се хармонизација со европското право, туку остана на седницата, правеше кворум и го усвои дневниот ред. Истото се случува и денеска на Комисијата за европски прашања, додека албанскиот дел од опозицијата или гласноговорниците на г. Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ излегоа да го кажат тоа што ВМРО-ДПМНЕ не може да го каже денеска на говорница и вчера за време на усвојувањето на дневниот ред и потребата за скратена постапка за Кривичниот законик, а тоа е дека се враќа г. Груевски со измените во Кривичниот законик. Апсолутна лага и апсолутно е невозможно под било кои усови г. Груевски со овие измени во Кривичниот законик да се врати. Овие измени во Кривичниот законик, освен што се хармонизација со европското право, се и ексклузивно барање и на г. Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ, на сите лидерски средби и на билатерaлни средби во однос на измените на Кривичниот законик и еве, имаат шанса тоа да си го направат во Собранието, впрочем тоа веќе и го направија со нивното учество во работата“,
рече Груби.
Со споменувањето на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта, каде што доби азил од тамошните власти, Груби алудираше на ставот со кој денеска излегоа пратениците на албанската опозиција во Собранието. Пратениците Мерита Коџаџику, Сафије Садики Шаини и Фадил Зендели, од партиите Демократско движење, Алтернатива и Беса, на прес-конференција рекоа дека основната причина поради која власта ги иницира промените во Кривичниот законик е за што побрзо да се спаси, и во Скопје „без трн во ногата“ да се врати Никола Груевски.
„Јавноста има право да знае, а премиерот Ковачевски и министерот за правда Лога имаат обврска да го објаснат ова, дека доколку помине овој предлог за измена на Кривичниот законик, а тие имаат мнозинство да го усвојат, потоа можат слободно да му извадат билет на Никола Груевски во еден правец од Будимпешта до Скопје и да го пречекаат со сите државни почести“,
е ставот што пратениците од трите партии го соопштија на денешната прес-конференција во Собранието.
Со измените во Кривичниот законик, според тројцата пратеници, ќе застарат сите предмети во кои му се суди на експремиерот Груевски, освен за предметите „Тенк“ и „Насилство во Општина Центар“ кои, како што велат, не предвидуваат казна затвор од повеќе од три години.
Од друга страна, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ги денеска измените на Кривичниот законик рече дека СДСМ и ДУИ се подготвуваат за опозиција и сакаат на овој начин да го сокријат криминалот што го правеа изминатите шест години.
„Ќе кажам две работи коишто се важни да се знаат. Првата работа е дека владата на СДСМ и ДУИ се спрема за опозиција. Зошто се спремаат за опозиција? Затоа што вака на шверцерски начин со злоупотреба на европско знаменце ги носи измените во Кривичниот законик, генерално во два члена, а тоа се членот којшто го опфаќа делот за злоупотреба на службена положба и вториот член е злосторничко здружување. Тоа се двата члена. И тие сега за да го обременат сето ова и да му дадат европско знаменце, нормално ставаат и некои други членови кои апсолутно не се суштината на овој закон. Важно е да се каже дека се спремаат за опозиција и криминалот којшто го правеа изминатите шест години сакаат на овој начин да го сокријат“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој порача дека „дури и да го носат законот со златно знаме, а не со европско, секој што се огрешил пред законот, а за што постои доказ, ќе одговара“.
Предлог-измените на Кривичниот законик кои Владата ги поднесе во Собрането по скратена постапка (со европско знаменце) предзвикаа лавина реакции во јавноста. Со нив, меѓу другото, се предвидува намалување на казните во членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба и овластување, кој најчесто се користеше за гонење службени лица и функционери, како и намалување на казните за делото злосторничко здружување од членот 394, односно наместо сегашните кои предвидуваат од една до десет години затвор, на една до три години затвор. Тоа повлекува и порано застарување на кривичните дела.
Измените на Кривичниот законик се дел од дневниот ред на 125. Седница на Собранието, а денеска попладне по едно и полчасовна дебата го поминаа филтерот пред собраниската Комисија за европски прашања.
Членовите на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со ред критики ги дочекаа и се изјаснија во однос на предложените измени, но рекоа дека нема да поднесат амандмани, бидејќи, според нив, власта има доволно мнозинство овие измени да поминат. Аргументите што ги изнесоа беа дека власта го злоупотребува европското знаменце за да донесе измени на Кривичниот законик само заради амнестија на одредени лица од владејачкото мнозинство.
Инаку, Владата ги утврдила предлог-измените на Кривичниот законик на седницата одржана на 29 август 2023 година, но за тоа јавноста не беше информирана.