Во Изборниот законик е предвидена посебна методологија за ажурирање на Избирачкиот список. И сега таа методологија наеднаш не важи. Не можеме новите гласачи само да ги прикачиме на Избирачкиот список, вели претседателот на ДИК во изјава за „360 степени“
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, вели дека останува на ставот дека се потребни околу 50 дена за ажурирање на Избирачкиот список откако Владата синоќа ја измени Уредбата за изборниот процес, со што, практично, изборите треба да се одржат на 5 јули, доколку нема продолжување на вонредната состојба.
Во изјава за „360 степени“, Дерковски вели дека не може со уредби да се дерогира целиот правен систем на државата.
„По завршување на вонредната состојба, правниот систем треба да се врати во нормала. Во Изборниот законик е предвидена посебна методологија за ажурирање и прочистување на Избирачкиот список. И сега таа методологија наеднаш не важи. Не можеме новите гласачи само да ги прикачиме на Избирачкиот список врз основа на уредба со која се дерогира Изборниот законик“,
вели Деркоски посочувајќи и на мислење на Уставниот суд, според кое уредбите донесени за време на вонредна состојба не можат да ги поништат законите што се во сила.
Сепак, претседателот на ДИК, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира дека ова е негов личен став, а не став на Комисијата.
„Сѐ уште не сме ја виделе Уредбата. Не можеме да шпекулираме пред таа да биде објавена во ‘Службен весник’“,
вели Деркоски.
ВМРО-ДПМНЕ не излезе досега со официјален став во однос на можноста изборите да бидат на 5 јули – термин што првично не беше прифатлив за опозицијата.
„ВМРО-ДПМНЕ има јасни позиции да се заштити здравјето на граѓаните. Нашиот став е кажан за сите прашања, ги повикувам нека кажат од другата страна дали го напуштаат консензусот“,
изјави Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе учестуваат на изборите на 5 јули.
Според неофицијални информации, еврокомесарот Оливер Вархеји, во вчерашните разговори со лидерите на најголемите партии – Зоран Заев и Христијан Мицкоски сугерирал да се разгледа опцијата за пролонгирање на процесот за уште десетина дена. Но, во СДСМ велат дека веќе нема законски можности за одложување на изборите, ниту за продолжување на вонредната состојба, така што партијата се подготвува за избори на 5 јули.
Деркоски пред извесно време најави и дека е можно да не го потпише Избирачкиот список (на кој треба да стојат потписи на сите членови на ДИК) доколку не се остави соодветно време за негово ажурирање.
Поранешниот претседател на ДИК, Борис Кондарко, кој сега е член на Комисијата од редовите на СДСМ, и тогаш настапи со став дека преостанатите изборни дејствија (за изборите што требаше да се одржат на 12 април, ама беа прекинати на 21 март) треба и може да завршат во периодот од 22 дена.