На седницата на Владата единствен кој гласал против оваа уредба бил министерот за внатрешни работи Наќе Чулев
Владата на денешната седница донесе уредба во функција на ажурирање на избирачкиот список.
Овој потег се смета за сигнал дека нема да се бара продолжување на вонредната состојба и дека од следната недела практично ќе почнат да течат роковите за завршување на предвремените парламентарни избори, кoи беа прекинати два дена пред стартот на кампањата.
„Владата на денешната седница донесе уредба со која го задолжува Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила, да достави до Државната изборна комисија листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба. Исто така МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба“,
се вели во владиното соопштение.
Од Владата посочуваат дека со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, согласно оваа уредба и согласно Изборниот законик.
„Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, Државната изборна комисија е должна да ги превземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик“,
се вели во соопштението.
Министерството за здравство е задолжено, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од Државната изборна комисија, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.
На седницата на Владата единствен кој гласал против оваа уредба бил министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.