Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во интервју за Радио Слободна Европа, зборува за преговорите за датумот за избори и можните опции доколку нема компримис меѓу партиите.
Јанушев вели дека избори во јуни е невозможно да има, бидејќи како што посочува, тоа би било кршење на Изборниот законик.
„Избори во јуни не може да има и тоа не поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ го кажува тоа или водење на инает, едноставно законот и роковите што се пропишани во Изборниот законик не го дозволуваат тоа и затоа напоменувам неколку пати – ова што сега го прават Заев и СДСМ е одење со глава во ѕид. За каков консензус правиме муабет кога тој поставува ултиматум и се заканува и тоа со датуми кои согласно со закон не се возможни да имаме избори, напротив се обидува тоа да го правда по завршувањето на вонредната состојба – ќе постапувале согласно закон, па ако постапува согласно закон и Устав е невозможно да се одржат избори на 21 или на 28 јуни“,
вели Јанушев.
На прашањето дали бојкотот е опција, ако власта се одлучи за друг датум кој ќе ги исполнува условите на кои инсистира ВМРО-ДПМНЕ, но без консензус, Јанушев вели:
„Сите можности нормално е дека се разгледуваат, но јас искрено верувам дека тоа нема да се случи, дека сепак ќе се најде начин со консензус да се договори датумот на кој ќе се одржат изборите“,
вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.