Осврнувајќи се на последниот извештај на Европската комисија, премиерот оцени дека земјата бележи значителен напредок во реформите во споредба со минатата година, што претходно го истакнал и евроамбасадорот Михалис Рокас
Очекувањата се, како што рече, дека следната година земјата ќе добие уште попозитивен извештај, особено во областите на борбата против корупцијата и владеењето на правото
Ставот на Владата во однос на уставните измени останува непроменет, вели премиерот Христијан Мицкоски и изрази надеж дека дијалогот со Бугарија на крајот ќе даде резултат и ќе овозможи почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Мицкоски денеска, на настан во Пирава, одговарајќи на новинарско прашање за Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, рече дека уставните измени претставуваат политички услов за продолжување на европскиот пат на земјата, кој, според него, произлегол од политиките на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ.
Посочи дека Владата продолжува со дијалогот со источниот сосед и изрази надеж дека ќе се најде решение што ќе овозможи почеток на преговорите со ЕУ.
„Што се однесува до уставните измени, нашиот став како влада е јасен и тој е непроменет. За жал, поради експозициите и антидржавната политика на претходната влада на СДСМ и Демократската унија за интеграција, ние сега имаме политички услов, а тоа се уставните измени, иако многупати во тоа време предупредувавме, бевме опозиција, предупредувавме да не влегуваат во такви авантури. За жал, тоа не го послушаа и сега ние можеби сме единствениот пример во кој, покрај оние суштински реформи што треба да ги спроведеме, имаме и политички услови. Но, тоа е што е, ние го водиме дијалогот со нашиот источен сосед. Се надевам дека тој дијалог на крајот ќе вроди со плод и ќе можеме, конечно, 21 година по стекнувањето кандидатски статус и 26 години по потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација, да почнеме со процесот на преговори “,
рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на последниот извештај на Европската комисија, премиерот оцени дека земјата бележи значителен напредок во реформите во споредба со минатата година, што претходно го истакнал и евроамбасадорот Михалис Рокас.
Според него, извештајниот период завршува на 31 август и не ги опфаќа реформите спроведени по тој датум, вклучително и оние во рамки на Реформската агенда.
Очекувањата се, како што рече, дека следната година земјата ќе добие уште попозитивен извештај, особено во областите на борбата против корупцијата и владеењето на правото.
„Амбасадорот вчера на прес-конференцијата рече дека во суштина, во споредба со минатогодишниот извештај, имаме значителен напредок оваа година. Но, важно е да се каже дека извештајниот период не ги опфаќа оние реформи што веќе се направени во меѓувреме и ќе се направат до крајот на годината, особено кога станува збор за борбата со корупција и владеењето на правото бидејќи извештајниот период завршува до 31 август’,
рече Мицкоски.
Тој додаде дека очекува следниот извештај да ги потврди реформските напори и амбиции на Владата.
Мицкоски вчера на заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите е подобар од минатогодишниот, посочувајќи дека во него нема ниедна оценка за назадување, а во две преговарачки поглавја е забележано зголемување на нивото на подготвеност за членство во Европската Унија.
