Оцени дека опозицијата се обидува политички да профитира од состојбата во Србија и преку, како што рече, невистини и конструкции да ги загрижи граѓаните. Ги повика граѓаните да не веруваат во црните сценарија на опозицијата и потсети на претходните тврдења за наводно носење мигранти и банкрот на државата, за кои рече дека не се оствариле. Мицкоски порача дека граѓаните треба да бидат спокојни
Народната банка и Владата располагаат со инструменти со кои целосно ја контролираат состојбата со Алта банка и нема причина за загриженост, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Посочи дека целта е банката да биде спасена, бидејќи, според него, станува збор за здрава финансиска институција.

Одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на третата фаза од системот за наводнување „Страиште“ во Општина Валандово, во врска со обвинувањата на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) дека понудените модели за решавање на состојбата со Алта банка нема да дадат резултат, Мицкоски рече дека Владата и опозицијата имаат различни цели.
Според него, СДСМ се радува на црните сценарија, додека Владата се обидува да најде решение и купувач за банката, за која рече дека е во одлична финансиска состојба.
„Тие се радуваат граѓаните да не бидат обесштетени по принципот на ТАТ од времето на СДСМ, по принципот на Еуростандард банка од времето на СДСМ. Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент секој доверител, секој штедач ќе биде обесштетен, бидејќи најголемиот дел од штедните влогови се осигурани во Фондот за осигурување на штедни влогови, а активата на банката е многу поголема од побарувањата. Но, ние се трудиме да не дојде до тоа, односно до ова црно сценарио за коешто СДСМ се моли секој ден, односно да најдеме купувач“,
рече премиерот од Валандово.
Сепак, нагласи дека Владата работи на тоа да се избегне ваквиот исход и да се најде нов сопственик на банката.
„Следните неколку денови, заедно со гувернерот и министерката за финансии, ќе имаме средби со повеќе финансиски институции коишто би можеле да бидат потенцијални купувачи на банката“,
кажа тој.
Оцени дека опозицијата се обидува политички да профитира од состојбата во Србија и преку, како што рече, невистини и конструкции да ги загрижи граѓаните. Ги повика граѓаните да не веруваат во, како што ги нарече, црните сценарија на опозицијата, потсетувајќи на претходните тврдења за наводно носење мигранти и банкрот на државата, за кои рече дека не се оствариле. Мицкоски порача дека граѓаните треба да бидат спокојни.
Осврнувајќи се на состојбата во Србија, Мицкоски рече дека последните информации се дека тамошните менувачници го ограничиле менувањето евра до 300 до 400 евра, што според него се сериозен индикатор за стабилноста на српскиот банкарски систем.
„Значи, не може повеќе да се врши конверзија на тамошната валута динари во евра. И тоа претставува сериозен индикатор за стабилноста на тамошниот банкарски систем. Се надевам дека најцрното сценарио ќе биде избегнато затоа што Србија е значаен трговски партнер за Македонија“,
рече тој.
Изрази и загриженост дека евентуалното влошување на состојбата во Србија може да има последици и врз македонските компании, со оглед на трговската поврзаност меѓу двете земји. Посочи дека повеќе домашни компании соработуваат со српски партнери кои, според неговите информации, имаат блокирани сметки и средства во Алта банка поради што дел од македонските фирми веќе се соочуваат со проблеми.
„Голем број наши компании соработуваат со српски компании и многумина од сопствениците на тие компании ми се јавуваат и ме прашуваат што понатаму, бидејќи нивните партнери од Србија имаат блокирани сметки и средства во Алта банка. Дел од нив дури и го затвориле својот бизнис, односно банкротирале, со што практично нашите компании сега имаат проблем“,
кажа Мицкоски.
Посочи оти се надева дека наскоро ќе биде формирана нова влада во Србија, која, како што рече, ќе води проевропска и реформска политика, што е важно и за Македонија.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) бараат Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот на Народната банка Трајко Славески и министерката за финансии Гордана Кочоска во врска со влезот на Алта банка на македонскиот пазар.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во денешната изјава за медиумите дадена пред зградата на Владата обвини дека тројцата функционери имале улога во овозможувањето на влезот на банката во земјава, а сега си ја префрлаат одговорноста, пробувајќи да го забошотат скандалот.
„Бараме, ОЈО да не чека и да не се правда дека има време. Нема време, се доцни 11 месеци. Веднаш да отвори истрага и за Мицкоски, Славески и за Кочоска. Да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка. Сите вмешани во скандалот со Алта банка да одговараат“,
рече Кузеска во изјавата за медиумите дадена пред Владата.
