Портпаролката на партијата Богданка Кузеска тврди дека власта врши притисок врз потенцијални купувачи, меѓу кои и една странска и една домашна банка, за да се забошоти случајот и да не се открие потеклото на капиталот на Алта банка
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) бараат Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот на Народната банка Трајко Славески и министерката за финансии Гордана Кочоска во врска со влезот на Алта банка на македонскиот пазар.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во денешната изјава за медиумите дадена пред зградата на Владата обвини дека тројцата функционери имале улога во овозможувањето на влезот на банката во земјава, а сега си ја префрлаат одговорноста, пробувајќи да го забошотат скандалот.
„Овде, зад мене, во Владата се главните виновници кои дозволија Алта банка да влезе во Македонија, со сомнителен капитал. СДСМ уште пред една година предупреди за Алта банка, дека е прорежимска банка создадена од криминалните кланови и перланица на пари на Вучиќ. Сега народот пати и не може да дојде до своите пари. А овие во Владата лажат, си ја префрлаат одговорноста за да се спасат и пробуваат да го заташкаат скандалот“,
вели таа.
Според Кузеска, на предлог на министерката Кочоска, Владата донела заклучоци за преземање акции од страна на Алта банка АД Белград во 16 јавни институции.
Посочи дека документот е во спротивност со изјавите на Славески и Кочоска за тоа дали имало консултации и дали министерката била информирана за процесот.
„Трајко Славески вели имало консултации Кочоска вели немало и не била информирана. Штом зинат лажат. Еве го записникот од седница на Владата од 23 септември 2025 година. На предлог на Кочоска, Владата на Мицкоски носела Заклучоци за преземање акции од страна на Алта Банка АД Белград на 16 јавни институции“,
кажа портпаролката.

Од СДСМ повторно ја обвинија Алта банка дека е поврзана со сомнителен капитал и оценија дека актуелните случувања околу банката отвораат прашања за одговорноста на надлежните институции.
„Мицкоски и Славески ја внесоа Алта банка во Македонија, со сомнителен капитал, која сега е под стечеј, без лиценца и под истрага за криминал. А Владата на Мицкоски, на истиот Давор Мацура му овозможила да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата. Внимавајте, акции од државни претпријатија се нудени во интерес на Мацура и Алта банка! Денеска луѓето не можат да си дојдат до своите пари. Редици, метежи, нервозни граѓани, неизвесност. За ова мора да има одговорност!“,
додаде портпаролката.
Кузеска тврди дека граѓаните се соочуваат со проблеми при пристапот до своите пари, а обидите за продажба на банката на нов сопственик ги оцени како обид за затскривање на случајот. Таа обвини и дека власта врши притисок врз потенцијални купувачи.
„Сега тие што ги носеа штетните одлуки, што овозможија влез на Алта банка најавуваат продажба на нов сопственик. Целта е да се заташка работата, да не се открие криминалот. Кој би сакал да земе банка со ваква репутација и банка која е под и под сомнеж за потеклото на капиталот? Власта врши притисок врз потенцијални купувачи, на една странска а од пред некој ден и на една домашна банка“,
посочи таа.
Од СДСМ бараат во истрагата да се вклучи и Европското јавно обвинителство, со цел да се провери текот на сите пари поврзани со Алта банка. Од партијата бараат одговорност од сите што биле вклучени во носењето на одлуките поврзани со влезот на банката во земјава.
„Бараме, ОЈО да не чека и да не се правда дека има време. Нема време, се доцни 11 месеци. Веднаш да отвори истрага и за Мицкоски, Славески и за Кочоска. Да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка. Сите вмешани во скандалот со Алта банка да одговараат“,
рече Кузеска во изјавата за медиумите дадена пред Владата.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера на социјалните мрежи објави записник од седницата на Владата, одржана на 23 септември 2025 година, на која биле разгледувани прашања поврзани со понудата на српската Алта банка за преземање акции во 16 јавни институции.
Според него, од записникот произлегува дека министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска била запознаена со постапката и предложила заклучоци поврзани со понудата на банката.
Филипче отвори и прашање за евентуална директна комуникација меѓу владините претставници и сопственикот на банката, Давор Мацура, оценувајќи дека треба да се испита дали со таквото постапување му било овозможено да стекне поголем пакет акции на сметка на државата.
Ова следуваше по изјавата на министерката за финансии дека не била консултирана од страна на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за влезот на Алта банка на македонскиот пазар и преземањето на Стопанска банка Битола.
Одлуката за давање согласност на српската Алта банка да влезе во сопственичката структура на Стопанска банка Битола, според гувернерот на Народната банка Трајко Славески, била донесена по тримесечна постапка, во која биле вклучени и други институции. Како што рече, супервизорските служби оцениле дека новиот инвеститор ги исполнува условите.
