„Ние како Министерство не сме имале апсолутно никаква комуникација, ниту знаеме дека оваа банка имала преговори, ниту знаевме кои претходно други институции, банки биле заинтересирани. Така што, најодговорно тврдам дека Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот по однос на ова прашање“, вели министерката за финансии во изјава за ТВ Телма
Во однос на стабилноста на банкарскиот систем, оцени дека тој е стабилен и дека случајот со Алта банка има речиси незначително учество во вкупниот банкарски сектор
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека не била консултирана од страна на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за влезот на Алта банка на македонскиот пазар и преземањето на Стопанска банка Битола.
Ова следува по изјавата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, дека одлуката за давање согласност на српската Алта банка да влезе во сопственичката структура на Стопанска банка Битола била донесена по тримесечна постапка, во која биле вклучени и други институции. Според него, супервизорските служби оцениле дека новиот инвеститор ги исполнува условите.

Министерката во изјава за ТВ Телма, посочи дека ниту Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот во врска со ова прашање, ниту било информирано дека Алта банка преговара за влез во земјава или кои други институции и банки претходно пројавиле интерес.
„Ние како Министерство не сме имале апсолутно никаква комуникација, ниту знаеме дека оваа банка имала преговори, ниту знаевме кои претходно други институции, банки биле заинтересирани. Така што, најодговорно тврдам дека Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот по однос на ова прашање“,
вели Димитриеска-Кочоска.
За актуелните случувања околу Алта банка, вели дека се информирала главно преку медиумите.
Во однос на стабилноста на банкарскиот систем, вчера во интервју за МРТ, таа оцени дека тој е стабилен и дека случајот со Алта банка има речиси незначително учество во вкупниот банкарски сектор.
„Банкарскиот сектор во Република Македонија е стабилен и ова не е првпат да го зборувам. Ова е резултат на едно долгогодишно искуство и работење во банкарскиот сектор. Законите во Македонија се најстроги кога станува збор за овој дел или финансискиот систем целокупно, посебно банкарскиот би го издвоила“,
рече таа.
Смета дека загриженоста на клиентите на Алта банка е оправдана, особено кај оние кои ги чекаат своите плати или имаат средства на сметките во банката.
Посочи дека проблемите не произлегуваат од работењето на банката во Македонија, туку од случувањата во нејзината матична компанија, односно банката во Србија.
„Ова не е резултат на проблеми коишто ги имаше банката во Македонија, туку ова е резултат на тоа што се случува во матичната, би рекла, компанија сопственик на банката во Македонија, тоа е банката во Србија. Оттаму почнуваат проблемите, така што банката во Македонија доаѓа во состојба да нема сопственик, односно се менуваат ситуациите таму и тука настануваат проблемите“,
кажа министерката.
Порача дека граѓаните треба да имаат доверба во банкарскиот систем и во надлежната институција која ја презеде контролата врз банката, изразувајќи очекување дека состојбата ќе биде ставена под контрола.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на 2 ноември во гостување во емисија на ТВ Телма, рече дека целосно стои зад одлуката со која ѝ била дадена согласност на српската Алта банка да влезе во сопственичката структура на Стопанска банка Битола.
Одлуката, според него, била донесена по тримесечна постапка, во која биле вклучени и други институции, а оценката на супервизорските служби била дека новиот инвеститор ги исполнува условите.
На новинарско прашање како ја направиле процената за српската Алта банка да влезе во Стопанска банка Битола, бидејќи е важно да се знае кој е акционерот, Славески посочи дека Стопанска банка Битола претходно била во многу лоша состојба.
Ја опиша како „банка на стаклени нозе“, која пет години била под интензивна супервизија на Народната банка.
„Тоа беше многу проблематична банка. Беше на стаклени нозе. Пет години беше под интензивна супервизија на Народната банка. Акционерите не можеа да одржат собрание. Всушност, банката беше нефункционална“,
рече тој.
Банката, додаде дека банката била одржлива само на краток рок, од половина до една година, но немала перспектива на среден рок.
„Стопанска банка Битола имаше сопственик кој беше на црната листа на САД. Имаше проблеми во надминување на лимитот, сопственост на акции, сопствеништво преку други лица. Банката беше одржлива на многу краток рок. Да речеме, на шест месеци до една година. Немаше иднина на среден рок. Да не влезеше инвеститорот, досега Стопанска банка Битола немаше да постои. Ќе бевме во ситуација да се активира Фондот за осигурување на депозити и да го имаме несреќниот случај со Еуростандард банка“,
кажа гувернерот.
Во врска со проверките пред давањето согласност, односно дали ги следеле пишувањата во српските медиуми, Славески одговори дека Народната банка писмено се обратила до Европската централна банка и до други регулаторни институции за да провери дали имаат отворени постапки или забелешки во врска со „Алта групацијата“.
Одговорите што ги добиле, според гувернерот, не предизвикале сомнеж што би го оцениле како пречка за влез на Алта банка во Стопанска банка Битола.
