„За првпат, конкретните проблеми со спроведувањето на употребата на албанскиот јазик и правичната и соодветна застапеност заземаат толку јасно место во оценката на Европската комисија. Ова е најтешката политичка последица од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со ВЛЕН: прашањата на еднаквоста, кои требаше да бидат неспорни институционални гаранции, денес се претворија во европска загриженост“, се вели во партиското соопштение
Извештајот на Европската комисија за 2026 година е една од најзагрижувачките оценки за Северна Македонија во последните години, оценуваат од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Според партијата, земјата назадува во реформите, заостанува на патот кон ЕУ и се соочува со сериозни проблеми во функционирањето на институциите.
ДУИ посебно ги издвојува забелешките на Европската комисија за спроведувањето на правата за употреба на албанскиот јазик и правичната и соодветна застапеност. Според партијата, овие прашања за првпат заземаат толку истакнато место во оценката на Европската комисија.
„За првпат, конкретните проблеми со спроведувањето на употребата на албанскиот јазик и правичната и соодветна застапеност заземаат толку јасно место во оценката на Европската комисија. Ова е најтешката политичка последица од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ со ВЛЕН: прашањата на еднаквоста, кои требаше да бидат неспорни институционални гаранции, денес се претворија во европска загриженост“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму велат дека Влен влезе во Владата со ветување дека ќе ги претставува Албанците, а последиците од нивното учество во ова владеење сега се читаат во Брисел.
„Балансерот е укинат, новиот механизам за застапеност останува нерешен, додека албанските граѓани и студенти продолжуваат да се соочуваат со пречки во остварувањето на своите јазични права“,
додаваат од ДУИ.
Партијата оценува дека нема напредок ниту во други клучни области, меѓу кои борбата против корупцијата, слободата на изразување, јавните набавки, заштитата на потрошувачите и здравството.
Во соопштението се посочува и дека Албанија напредува во преговорите со ЕУ, Црна Гора се приближува до нивното завршување, додека Северна Македонија сè уште не го отворила првиот преговарачки кластер.
„Во меѓувреме, Албанија напредува во преговорите, Црна Гора се приближува до нивното завршување, додека Северна Македонија останува надвор од новата динамика на проширувањето, без да го отвори ниту првиот кластер. Ова е цената што граѓаните ја плаќаат за политичкиот курс на оваа Влада. Северна Македонија губи драгоцено европско време, додека Албанците повторно се соочуваат со оспорување на правата што ги сметаа за загарантирани“,
велат од партијата.
ДУИ смета дека извештајот треба да биде сигнал за итна промена на владиниот курс, нагласувајќи дека еднаквоста, функционирањето на институциите и европската перспектива не смеат да бидат занемарени.
Претставувајќи го Пакетот за проширување за 2026 година во Брисел, еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Северна Македонија ја зголемила подготвеноста за членство во ЕУ и е меѓу земјите кандидати со највисоко ниво на усогласеност со европското законодавство.
Посочи дека земјава го забрзала спроведувањето на реформите во рамките на Планот за раст, но дека се потребни дополнителни резултати во борбата против корупцијата и реформата на јавната администрација.
Кос повтори дека за деблокирање на пристапните преговори и отворање на првиот кластер „Основи“, Северна Македонија треба да ги усвои уставните измени договорени во 2022 година, со кои е предвидено внесување на малцинствата во Уставот.
Европската комисија во најновиот Извештај за Северна Македонија, во делот што се однесува на односите со Грција оценила дека членови на Владата и високи државни функционери во одредени случаи не постапуваат во согласност со Преспанскиот договор, вклучително и преку некористење на уставното име на државата, што може да има негативно влијание врз добрососедските односи.
Во документот се наведува дека соработката со јужниот сосед продолжува во повеќе области, особено во економијата, инфраструктурното и енергетското поврзување, туризмот и културата. Сепак, Комисијата потенцира дека е неопходно доследно спроведување на билатералните договори.
„Спроведувањето на билатералните договори во добра верба, вклучително и Преспанскиот договор, останува од суштинско значење. Членови на Владата и високи функционери во одредени случаи не го почитуваат Договорот, вклучително и со некористење на уставното име на државата, што ризикува да влијае врз добрососедските односи“,
се наведува во Извештајот.
