Ослободувањето ќе се однесува само на делот од надоместокот што претставува приход на Град Скопје, додека обврската за плаќање на делот што ѝ припаѓа на општината на чија територија се наоѓа градежната парцела останува непроменета
Мерката е наменета за брачни парови кај кои ниту еден од сопружниците нема друга станбена недвижност соодветна за домување, а куќата ја градат за сопствени потреби
Младите брачни парови кои градат прва семејна куќа за сопствени потреби ќе бидат ослободени од плаќање на делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје, информираат денеска од партијата Левица.
Иницијативата е поднесена од советничката група на Левица на 30 септември, а е прифатена од градската управа.

Целта на предлогот, како што велат од партијата, е да се намалат трошоците со кои се соочуваат младите семејства при решавањето на станбеното прашање, особено во услови на високи цени на градежните материјали, работната сила и административните давачки
Ослободувањето ќе се однесува само на делот од надоместокот што претставува приход на Град Скопје, додека обврската за плаќање на делот што ѝ припаѓа на општината на чија територија се наоѓа градежната парцела останува непроменета.
Мерката е наменета за брачни парови кај кои ниту еден од сопружниците нема друга станбена недвижност соодветна за домување, а куќата ја градат за сопствени потреби.
„Создавањето семејство и обезбедувањето сопствен дом не смеат да бидат привилегија достапна само за оние со високи примања или наследен имот. Локалната самоуправа има обврска да креира политики кои ќе им помогнат на младите луѓе да создаваат семејство, да градат сопствен дом и својата иднина да ја гледаат во Скопје“,
се наведува во образложението на иницијативата.
Во предлогот на Левица е предвидено одлободувањето да важи за станбена површина до 100 квадратни метри, со цел мерката да ги опфати основните станбени потреби на младите семејства, а не изградба на поголеми и луксузни објекти.
Според образложението, површина од 100 квадратни метри се смета за функционален простор за четиричлено семејство, кој овозможува дневна соба, кујна, трпезарија, спални соби и санитарни простории. Доколку куќата има поголема нето-станбена површина, ослободувањето од надоместокот ќе важи само за првите 100 квадратни метри, додека за преостанатата површина ќе се плаќа надоместок согласно важечките прописи.

Според Левица, прифаќањето на предлогот создава можност за конкретна финансиска поддршка на младите семејства, намалување на почетните трошоци за изградба на дом и поттикнување на младите да останат да живеат во Скопје.
Од партијата велат дека и понатаму ќе се залагаат за локални политики насочени кон потребите на граѓаните и мерки што нудат директна поддршка за младите.
