Во однос на структурата на вработени, ДЗР посочува дека од вкупно систематизираните 1 314 работни места се пополнети само 718. Најголем дел од вработените се на возраст од 56 до 60 години, а 30 проценти од вкупниот број вработени не ги исполнуваат посебните услови за степен или вид на образование
Нерационално користење на јавните средства, континуирани загуби во работењето, застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална железничка инфраструктура, како и недостиг на стручен кадар се дел од недостатоците во работењето на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“ (ЈП ЖРСМ) за 2024 година, констатирани од Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Еден од наодите на ДЗР се однесува на отсуство на системски и аналитичен пристап и недоволна подготвеност на претпријатието при планирање, проектирање, градење и реконструкција на делниците 1 и 2 од источниот дел на железничкиот Коридор 8, чија изградба трае од 1996 година. Поради бројни непредвидени работи, недостатоци во проектната документација и дополнителни побарувања, според ревизорите, дошло до значително зголемување на договорните вредности и пролонгирање на роковите за реализација на двете делници
Кај првата делница, вредноста на договорот е зголемена за 96 отсто (39,7 милиони евра), а рокот за завршување е продолжен за осум години и три месеци, поради проектни грешки, дополнителни градежни работи и промена на изведувачот. Кај втората делница, и покрај 18-годишниот прекин на градбата и осумгодишниот период од склучувањето на заемот, договорот за изградба е склучен дури во јули 2022 година, во вредност од 155 милиони евра, со рок за завршување до 23 октомври 2026 година.
Од ДЗР нотираат и дека за рехабилитација, изградба и реконструкција на постојната железничка инфраструктура се одобрени заеми во вкупен износ од 191,4 милиони евра, од кои 44 отсто сѐ уште не се повлечени.
„Поради тоа, до крајот на 2024 година се платени 7,78 милиони евра провизии за неповлечени средства (536 илјади евра во 2024 година), најголем дел за заемот за Коридор 8 – Фаза 2. Во 2024 година, по основ на камати за заемите, чија каматна стапка е варијабилна и се движи од 4,84 до 5,14 проценти, исплатени се 2,85 милиони евра“,
велат од Државниот завод за ревизија.
Сериозни недостатоци ревизијата утврдила и во евиденцијата на имотот на претпријатието. За земјиште со вредност од 7,2 милиони денари не се обезбедени имотни листови, а 91 процент од градежните објекти, во вредност од 12,7 милиони денари се линиски инфраструктурни објекти кои не се евидентирани во Катастарот на инфраструктурни објекти при Агенцијата за катастар на недвижности. За 88 отсто од останатите градежни објекти претпријатието не поседува имотни листови со кои би го докажало правото на сопственост.
Неправилности се констатирани и во начинот на управување и евидентирање на дел од залихите на суровини, материјали, резервни делови, ситен инвентар, амбалажа и автогуми.
Ревизорите утврдиле дека претпријатието во континуитет бележи загуби во работењето, при што загубата во 2024 година изнесува 188 775 илјади денари, а заедно со пренесена загуба од претходни години достигнува вкупен износ од 4 724 897 денари. Континуираните загуби, нотира ДЗР, негативно влијаат врз тековното и идно работење на јавното претпријатие, неговиот развој и го доведуваат во прашање ефикасното управување, одржување и безбедноста на железничката инфраструктура и сообраќајот.
Во однос на структурата на вработени, ДЗР посочува дека од вкупно систематизираните 1 314 работни места, пополнети се само 718. Најголем дел од вработените се на возраст од 56 до 60 години, а 30 проценти од вкупниот број вработени не ги исполнуваат посебните услови за степен или вид на образование, а пет отсто не ги исполнуваат дополнителните услови предвидени со актот за систематизација.
Во оваа смисла, според ДЗР, проблематична е воспоставената пракса од 2020 година – недостатокот на кадар да се надоместува со времено распоредување на постојните вработени, наместо преку јавни и интерни огласи. Од 96 вработени распоредени со времени решенија во 2024 година, 55 проценти не ги исполнувале посебните услови за работното место, а 12 проценти не ги исполнувале дополнителните услови.
Меѓу најзагрижувачките наоди е состојбата на самата железничка инфраструктура. Според ревизорскиот извештај, таа е застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална. На дел од главните коридори – 10, 10-д и 8 – возовите сообраќаат со намалени брзини поради бројни дефекти, застарени системи и опожарени прагови, додека на одредени делници железничкиот сообраќај е целосно запрен. Ревизорите посочуваат дека повеќе од 40 години нема значајни инвестиции во инфраструктурата, што директно влијае врз безбедноста, капацитетот на железничкиот сообраќај и квалитетот на услугите.
Поради утврдените состојби, ДЗР укажува на потребата од значителни инвестиции за модернизација и обновување на железничката мрежа, како и преземање конкретни мерки за надминување на констатираните слабости.
