Во врска со проверките пред давањето согласност, односно дали ги следеле пишувањата во српските медиуми, Славески рече дека Народната банка писмено се обратила до Европската централна банка и до други регулаторни институции за да провери дали имаат отворени постапки или забелешки во врска со „Алта групацијата“
Славески вели дека Народната банка ѝ дала согласност на Алта банка Белград, а не на конкретно физичко лице. За Давор Мацура рече дека не знае колкав процент од сопственоста има и дека тоа не ги интересира, додавајќи дека тој имал дозвола од австриските регулатори да купи акции во австриска банка
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вели дека целосно стои зад одлуката со која ѝ беше дадена согласност на српската Алта банка да влезе во сопственичката структура на Стопанска банка Битола. Во вечерашното гостување на ТВ Телма, тој рече дека одлуката била донесена по тримесечна постапка, во која биле вклучени и други институции, а оценката на супервизорските служби била дека новиот инвеститор ги исполнува условите.

На новинарско прашање како ја направиле процената за српската Алта банка да влезе во Стопанска банка Битола, бидејќи е важно да се знае кој е акционерот, Славески посочи дека Стопанска банка Битола претходно била во многу лоша состојба, опишувајќи ја како „банка на стаклени нозе“, која пет години била под интензивна супервизија на Народната банка.
„Тоа беше многу проблематична банка. Беше на стаклени нозе. Пет години беше под интензивна супервизија на Народната банка. Акционерите не можеа да одржат собрание. Всушност, банката беше нефункционална“,
рече Славески.
Во интервјуто зборуваше за тоа дека претходно интерес за купување на банката имала и Комерцијална банка, но не постигнала договор со акционерите. Додаде и дека анализа правела и банка од Унгарија, која по неколкумесечно разгледување сепак се откажала од влез во Стопанска банка Битола.
Според Славески, банката била одржлива само на краток рок, од половина до една година, но немала перспектива на среден рок.
„Стопанска банка Битола имаше сопственик кој беше на црната листа на САД. Имаше проблеми во надминување на лимитот, сопственост на акции, сопствеништво преку други лица. Банката беше одржлива на многу краток рок. Да речеме, на шест месеци до една година. Немаше иднина на среден рок. Да не влезеше инвеститорот, досега Стопанска банка Битола немаше да постои. Ќе бевме во ситуација да се активира Фондот за осигурување на депозити и да го имаме несреќниот случај со Еуростандард банка“,
рече гувернерот
Во врска со проверките пред давањето согласност, односно дали ги следеле пишувањата во српските медиуми, Славески одговори дека Народната банка писмено се обратила до Европската централна банка и до други регулаторни институции за да провери дали имаат отворени постапки или забелешки во врска со „Алта групацијата“.
Посочи дека Европската централна банка претходно ѝ дозволила на „Алта групацијата“ да стекне 10 отсто од акциите во австриската Адеко банка, а подоцна тие акции биле пренесени на Рајфајзен банка.
Одговорите што ги добиле, според Славески, не предизвикале сомнеж што би го оцениле како пречка за влез на Алта банка во Стопанска банка Битола.
На прашањата за сопственичката структура и репутацијата на лицето поврзано со „Алта групацијата“, Славески рече дека Народната банка ѝ дала согласност на Алта банка Белград, а не на физичко лице.
„Не знам колкав процент е сопствеништвото и тоа не нè интересира. Ние ѝ дадовме дозвола на Алта банка Белград“,
рече Славески додавајќи дека не може да знае дали зад името на Давор Мацура стои некој друг.
На дополнителното прашање како може да не ги интересира кој е акционерот и каква е неговата репутација, гувернерот одговори дека Мацура имал дозвола од австриските регулатори да купи акции во австриска банка и дека ги поседувал до пред околу еден месец, кога ги предал на Рајфајзен банка.
„Јас не сум ничиј адвокат. Не сакам да се мешам во работите во друга држава“,
рече Славески.
Одлуката додаде дека била донесена врз основа на предлогот на супервизијата и супервизискиот комитет, а во процесот биле вклучени повеќе инстанци во Народната банка.
„Јас сум четвртата инстанца во Народната банка. Има 30 потписи ставено за тоа. Јас постапив според она што беше предлог на супервизијата, на супервизискиот комитет“,
кажа тој.
Рече дека целосно стои зад одлуката и е подготвен да ја брани.
„Бевме убедени дека банка што успешно работи во Србија, која е регулирана од нивната централна банка, има ревидирани позитивни извештаи, ги задоволува условите да стане акционер во наша банка во услови кога имаме банка пред пропаѓање, а тоа беше Стопанска банка Битола“,
кажа гувернерот.
На крајот додаде дека службите на Народната банка ја вршат работата во Алта банка и додаде дека се надева на поволен исход за кратко време.
