Денеска белградската берза донесе одлука за привремено суспендирање на правото на Алта банка за пристап до трговскиот систем на берзата

Давор Мацура, сопственик на Алта банка, која остана без лиценцата за работа, бил приведен синоќа, пишува „Нова.рс“.
Претходно, како што се додава, повеќе од 30 саати траел претресот во просториите на Алта банка.
Народната банка на Србија во саботата објави дека одлучила да ѝ ја одземе лиценцата за работа на Алта банка бидејќи „финансиската состојба на банката е значително влошена и постои можност за понатамошно влошување“, вклучително и влошување на нејзината ликвидност.
Одлуката е донесена помалку од една недела откако долгогодишниот српски лидер Александар Вучиќ ги загуби изборите од студентското движење, кое протестираше против неговата наводна корупција и сè поавторитативно владеење.
Банкарските операции на Алта се суспендирани, а некои клиенти велат дека не можат да повлечат пари од саботата.
Денеска белградската берза донесе одлука за привремено суспендирање на правото на Алта банка за пристап до трговскиот систем на берзата.
Изминатите два дена, како што пишуваат српските медиуми, клиентите на Алта подигнале големи суми пари, но исто така префрлиле значителни суми во странство.
Алта банка одиграла значајна улога во олеснувањето на трансферот на пари на руски физички и правни лица до и од балканската земја по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Таа е една од ретките банки во Србија која е подготвена да им обезбеди услуги на руски физички и правни лица.
Алта претходно беше под лупа на Европската централна банка поради сомневања за перење пари. Истрагата на ЕЦБ предизвика сериозна загриженост во врска со работењето на српската група, при што функционерите се прашуваа дали банката може да го потврди законското потекло на депозитите.
