Од Влен оценуваат дека изборите во Брвеница покажале оти земјата сè уште треба да работи на изградба на инклузивно и граѓански ориентирано општество. Велат дека гласовите им припаѓаат на граѓаните, кои се слободни да одлучат кому сакаат да ја доверат својата поддршка
Откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ го обвини својот коалициски партнер Влен дека на предвремените локални избори во Брвеница одиграл како тројански коњ за ДУИ, од партијата реагираат дека изборите се одржале во демократски процес, а дека на нив победила волјата на граѓаните.

„Ниту една политичка партија не ги контролира гласовите, ниту, пак, некоја партија може да полага право на сопственост врз нив. Гласовите им припаѓаат на граѓаните, кои се слободни да одлучат кому сакаат да ја доверат својата поддршка. Ова е демократски принцип што мора да биде почитуван од сите. Во демократијата, волјата на граѓаните е и мора да остане од најголемо значење, над секој друг интерес, згора на тоа, а во контекст на локалната демократија, волјата на граѓаните е и треба да биде натпартиска“,
коментираат од Влен.
Од партијата оценуваат дека изборите во Брвеница покажале оти земјата сè уште треба да работи на изградба на инклузивно и граѓански ориентирано општество. Оттаму ги критикуваат СДСМ и Левица за, како што велат, повиците за етнички засновано гласање, предупредувајќи дека ваквата реторика ги продлабочува етничките поделби и ја зголемува поларизацијата во општеството.
ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека Влен одиграл како тројански коњ за ДУИ во Брвеница. На вчерашниот втор круг од предвремените локални избори во Брвеница победи кандидатот на ДУИ, Аркин Јахији.
