За Бучковски е беспредметно Македонија трета година да бара гаранции додека ги одложува сопствените обврски. Спасеновски оцени дека и Андреј Ѓуров да победеше на претседателските избори во Бугарија, тешко дека ставот на Софија кон Скопје ќе беше поинаков

И Андреј Ѓуров да победеше на претседателските избори во Бугарија, ставот на Софија кон Скопје тешко дека ќе беше поинаков, оцени универзитетскиот професор и поранешен пратеник Александар Спасеновски во дебатата во „360 степени“ на МРТ 1. Сепак, во изборот на Илијана Јотова тој гледа една поволна околност – таа и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова веќе имаат воспоставено комуникација.
Спасеновски рече дека кај дел од бугарската опозиција, како и во времето на владата на Кирил Петков, забележал помала оптовареност со историските прашања. Во дебатата беше посочено дека, пред францускиот предлог, Софија бараше уште пред првата меѓувладина конференција да се постигне договор во историската комисија за Гоце Делчев, Илинденското востание и ВМРО. Сепак, според Спасеновски, таа разлика во пристапот не дошла до израз во последното телевизиско соочување на Јотова и Ѓуров.
„Меѓутоа, она коешто е важно да го истакнеме е дека дури и да победеше противничкиот кандидат, дури и да не победеше Јотова на овие избори, од дебатата, од последната дебата којашто ја имаа двајцата противкандидати во пресрет на вториот круг од гласањето, тие практично имаа идентични позиции во однос на македонското прашање“,
рече Спасеновски.
Сиљановска-Давкова ѝ ја честита победата на Јотова веднаш по објавувањето на исходот и изрази желба за продолжување на соработката. За Спасеновски, позначајно од самата честитка е тоа што двете претседателки имале директни контакти и пред изборите.
„Ова секако надвор од една вообичаена куртоазија ништо посебно не значи, но она што би го истакнал е фактот дека има историја на меѓусебни контакти меѓу македонскиот претседател и доскорешниот вршител на должноста претседател на бугарската држава, што на некој начин значи дека се воспоставени некакви канали на комуникација. Дали тие канали на комуникација ќе резултираат со надминување на оваа инфлација на лоши вести во релациите меѓу Македонија и Бугарија, навистина не можеме да тврдиме, но еве да изразиме една надеж можеби дека… дека нешто ќе се промени во таа смисла“,
рече тој.
Бучковски очекува следниот чекор да го направи Скопје
Поранешниот премиер Владо Бучковски оцени дека Македонија не била доминантна тема во бугарската претседателска кампања. Кога Јотова и Ѓуров зборувале за неа, според него, од нивните настапи можело да се види колку е широка политичката поддршка во Софија за францускиот предлог.
„Па јас очекувам промените да бидат кај нас, во Бугарија нема промени. Ставот е константен. Битката и на последната дебата во четвртокот беше околу тоа кој е позаслужен за францускиот предлог од бугарска страна“,
рече Бучковски.
Според него, од Софија дипломатски порачуваат дека прашањето за продолжувањето на преговорите е во Брисел. Во такви околности, Бучковски смета дека е беспредметно македонската влада трета година да бара гаранции додека ги одложува обврските што треба да ги исполни дома.
Прашан за средбата Муцунски – Петрова во Софија и за можноста усогласувањето на Акцискиот план за малцинства да отвори простор за следен чекор, Бучковски ја поздрави посетата, иако смета дека била изнудена. Според него, Скопје требало порано да инсистира на директен дијалог, а премиерите Христијан Мицкоски и Румен Радев досега да се сретнат барем двапати.
„Мислам дека во предизборна година треба некое чудо да се случи, па пријатно да ме изненади владата на ВМРО-ДПМНЕ со рационалност и прагматичност, бидејќи дефинитивно треба на сите да ни биде јасно, и тоа ќе биде последната точка, без Европската Унија – Република Македонија ќе биде слепо црево во Југоисточна Европа, не во Западен Балкан, и Косово ќе нѐ помине. И Косово ќе нѐ помине. Тоа е мојата порака“,
рече Бучковски.
