Според Бучковски, ВМРО-ДПМНЕ очекувала поддршка од Касами и од Меџити во Брвеница каква што нејзините гласачи им дале во Тетово и во Чаир. Спасеновски, пак, посочи дека во селото на кандидатот на Влен, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ добил околу 300 гласа во вториот круг наспроти десетината во првиот

Победата на ДУИ во Брвеница, по која од ВМРО-ДПМНЕ го нарекоа Влен „тројански коњ“, за поранешниот премиер Владо Бучковски е показател дека Влен ја губи поддршката кај Албанците. За професорот Александар Спасеновски, реакциите од ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека кај поголемиот владин партнер има сомнеж дали Влен го исполнил она што се очекувало од него. Двајцата професори на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во дебатата во „360 степени“ на МРТ 1 различно го прочитаа и гласањето во вториот круг.
Бучковски смета дека за пресвртот во Брвеница придонеле етничката мобилизација на Албанците и гласовите од дијаспората. Според него, ВМРО-ДПМНЕ тешко можела да ја повтори поддршката што претходниот градоначалник ја уживал и кај Македонците и кај Албанците. На забелешката дека Брвеница е сепак една општина и дека е прашање колку од нејзиниот резултат може да се извлекуваат пошироки заклучоци, Бучковски одговори дека очекува разликата меѓу ДУИ и Влен да се зголемува.

„Трендовите се тие. ДУИ ќе биде во раст, Влен и понатаму ќе паѓа, ВМРО-ДПМНЕ ќе има двајца коалициони партнери кои имаат статистичка грешка во рејтингот“,
рече Бучковски, мислејќи на Влен и на ЗНАМ.
Токму падот на поддршката, според него, објаснува зошто на Влен не му одговараат предвремени парламентарни избори. Но, Бучковски гледа ризик за помалите партнери и ако коалицијата го истера целиот мандат – до редовните избори, смета тој, ВМРО-ДПМНЕ би можела толку да им го истроши рејтингот што ќе биде неизвесно дали ќе освојат пратенички места.
Спасеновски посочи примери на гласање преку етничките линии
Спасеновски оцени дека Влен во Брвеница лавирал меѓу коалицискиот договор со ВМРО-ДПМНЕ и повикот за поддршка на кандидатот Албанец во вториот круг. Тој потсети дека по првиот круг кандидатот на Влен се појавил во седиштето на кандидатот на ДУИ. Сепак, според Спасеновски, резултатите од одделни избирачки места ја доведуваат во прашање тезата дека исходот може целосно да се објасни со етничка мобилизација.
Како пример го посочи селото на кандидатот на Влен, каде што, според податоците што ги изнесе, околу 85 отсто од жителите се Албанци. Таму кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг добил околу 300 гласа, наспроти дваесетина при претходното гласање. Во Долно Седларце, пак, каде што, според него, околу 95 отсто од жителите се Македонци, кандидатот на ДУИ во вториот круг добил триесетина до четириесет гласа, иако во првиот круг кандидатите на албанските партии добиле само по еден или два. Спасеновски во овие бројки гледа индиција дека дел од гласачите на Влен го поддржале кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, но и дека дел од македонските гласачи се определиле за кандидатот на ДУИ.

„Тука што можеме да заклучиме? Дека наспроти таа некаква извесна колективна логика, проработеле и тесните партиски механизми да се оствари поголема предност или пак да се нанесе поголема штета на еден од двајцата кандидати. Вкупно земено, сметам дека настапува период на преиспитување, би рекол, на релациите, на односите во рамките на коалициските партнери“,
рече Спасеновски.
Во дебатата беше отворено и прашањето дали е можно ВМРО-ДПМНЕ и Влен премолчено да се согласиле Влен да го поддржи кандидатот Албанец за да зачува дел од легитимитетот кај своите гласачи. Спасеновски ја посочи политичката цена што, според него, Влен ја платил по претходните локални избори во Кичево. Додека ВМРО-ДПМНЕ победата таму ја славела како еден од своите најголеми изборни успеси, во албанскиот политички блок се отворила полемика кој е одговорен за поразот.
Бучковски изрази сомнеж дека станува збор за однапред договорено сценарио. Според него, првиот круг веќе покажал дека ДУИ во Брвеница има предност пред Влен, а очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ од партнерот имаат и конкретна заднина. Без гласовите на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово и во Чаир, оцени Бучковски, Билал Касами и Изет Меџити денес немаше да бидат градоначалници. Оттаму, смета тој, ВМРО-ДПМНЕ имала причина да очекува двајцата да се заложат за нејзиниот кандидат во Брвеница.
