Инаку, ова е вторпат како судењето за овој предмет почнува од почеток. Претходно тоа се случи во ноември 2025 година, а причината тогаш беше промена на еден од поротниците, додека сега станува збор за промена на судија во судечкиот совет
Судот информира дека на претходното рочиште на одбраната на обвинетите им била доставена листа на дополнителни докази од Обвинителството, на што реагираше бранителката на второобвинетиот, адвокатката Анета Бегова, која посочи дека нејзиниот клиент и Васев биле 13 месеци во притвор врз основа на доказите што тогаш ги достави Обвинителството до судот
Поранешните медицински и економски директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи повторно се изјаснија дека не се чувствуваат виновни во случајот што против нив се се води за несовесно работење и финансиски криминал, познат како „Онкологија 2“. Ваквата околност доаѓа откако судскиот процес против нив за актуелниот случај денеска почна од почеток, а причината е измена на составот на судечкиот совет.

Предметот, како што пренесе МИА, повторно го води судијката Славица Наумова-Јосифовска, но има промена на судија, член на судечкиот совет.
Инаку, ова е вторпат судењето за овој предмет да почне од почеток. Претходно тоа се случи и во ноември 2025 година, а причината тогаш беше промена на еден од поротниците во судечкиот совет.
Тогаш странките – обвинителството и одбраната – се согласија веќе изведените материјални докази и сослушани сведоци само да се прочитаат и да не се изведуваат повторно.
Застапникот на обвинението, обвинителката Марија Ѓоргева од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), на почетокот на денешното рочиште изјави дека останува на веќе изнесените воведни зборови пред судот.
Обвинетите Васев и Нухи, пак, на почетокот повторно се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.
„Не. Не се чувствувам виновен за делата што ми се ставаат на товар“,
изјави првообвинетиот Васев пред судот.
Второобвинетиот Нухи пред судот рече оти не се чувствува виновен и не му е јасен обвинителниот акт, притоа појаснувајќи дека тоа не се однесува на јазичниот аспект, туку на содржината на обвинението.
„Не во јазична форма. Не ми е јасен обвинителниот акт и не знам зошто сум обвинет, бидејќи овој обвинителен акт нема врска со моето работење на Клиниката“,
кажа Нухи.
Одбрната на Ниво Васев во воведниот говор, пак, рече дека обвинението не се заснова на реални докази, туку се води од претпоставки и вештачки конструкции. Според одбраната на ескмедицинскиот директор на Онкологија, единствена алтернатива во случајот е судот да донесе ослободителна пресуда за Васев поради недостиг на докази.
„Одбраната ќе докаже дека основано сомнение за делото што му се става на товар на Васев не може да постои поради системски пречки и тоа се легитимни административни дејства и делата што му се ставаат на товар не можел да ги стори. Нема докази на директна умисла или стекната имотноправна корист“,
изјави адвокатот Боби Спирковски.
Според адвокатот, Обвинителството се обидува да покаже дека Васев работел несовено како директор на клиниката, иако тој ја менаџирал здравствената установа во услови на нејзино недоволно финансирање и системско-административна нефункционалност поради недостиг на лекови.
Инаку, судот на почетокот на денешното рочиште информира дека на претходното на одбраната на обвинетите им била доставена листа на дополнителни докази од Обвинителството, меѓу кои и финансиско-материјална и друга документација од Клиниката за радиотерапија и онкологија, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.

Бранителката на второобвинетиот, адвокат Анета Бегова, реагираше на новопредложените докази, наведувајќи оти докази се доставуваат со поднесување на обвинителниот акт, потсетувајќи дека нејзиниот клиент и Васев биле 13 месеци во притвор врз основа на доказите што тогаш ги достави Обвинителството до судот.
„Не знам зошто сега не чини, ако се знае дека овие луѓе беа во притвор 13 месеци врз основа на овој доказен материјал. Зошто сега овој доказен материјал не чини и се поднесува нов. За мене, 13 месеци притвор не е мерка, туку казна“,
изјави Бегова.
Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција обвинението го поднесе во мај лани, а следниот месец тоа доби зелено светло од советот за оценка на обвинителен акт на Основниот кривичен суд Скопје.
Инаку, покрај, ова, против Васев и уште двајца лекари онколози се води уште еден случај „Онкологија 1“, во кој тие се товарат за несовесно лекување пациенти.
