Експремиерот и универзитетски професор Бучковски смета дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го одмерува падот на сопствениот рејтинг наспроти кризата во СДСМ. Спасеновски потсетува дека во времето на Никола Груевски партијата одела на предвремени избори и кога очекувала најдобар резултат и кога проценувала дека така ќе претрпи најмала политичка штета

Од ВМРО-ДПМНЕ зависи дали ќе има предвремени парламентарни избори, а партијата има причини да размислува за избори уште во април, смета поранешниот премиер Владо Бучковски. Во дебатата во „360 степени“ на МРТ 1 по победата на кандидатот на ДУИ во Брвеница, професорот Александар Спасеновски оцени дека досегашната практика на ВМРО-ДПМНЕ оди во прилог на таквата можност, но дека во калкулацијата овој пат влегува и обврската премиерот да се повлече за да се формира техничка влада.
Бучковски одговараше на прашањето што ќе тежи повеќе во одлуката на ВМРО-ДПМНЕ – односот на силите со СДСМ и со Левица, она што го покажа Брвеница за поддршката за Влен и за ДУИ или процената дали партијата на нови избори може да ги задржи 58-те пратенички места кои сега ѝ даваат комоција во владеењето.
„Им дава комоција според мене, но рокот на траење на таа комоција, според мене, веќе истече. Од нив зависи, ќе си направат калкулација. Долго време се шпекулира дали евентуалните предвремени избори биле во април – тоа е варијантата број еден“,
рече Бучковски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека губи од рејтингот, но истовремено смета на тоа дека опозицијата сè уште е во сериозна криза. Бучковски оцени дека, и покрај напорите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, консолидацијата на партијата засега не ги дава посакуваните резултати. Ако ВМРО-ДПМНЕ реши да чека, додаде тој, прашање е и како промените во регионот, по поразите на Виктор Орбан и Александар Вучиќ, ќе се одразат врз неа.
Спасеновски, пак, посочи дека за време на владите на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати го скратуваше мандатот. Потсети на изборите во 2008, 2011 и 2014 година, кога, според него, партијата го избирала моментот во кој очекувала најдобар политички резултат или најмала политичка штета.
И сегашното владејачко мнозинство, според Спасеновски, лесно би можело да обезбеди доволно гласови за самораспуштање на Собранието. Она што би можело да ја одврати ВМРО-ДПМНЕ од таква одлука е тоа што Христијан Мицкоски би требало да ја напушти премиерската функција пред изборите, а нивното спроведување да го преземе техничка влада.
„Значи, вкупно земено, статистиката зборува за тоа дека постои веројатност, историјата на однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ упатува на тоа дека постои веројатност за предвремени парламентарни избори, меѓутоа уставната композиција и законската композиција поврзана со Пржинската влада ни упатува на тоа дека можеби и ќе нема предвремени парламентарни избори“,
рече Спасеновски.
