На забелешката дека меѓу победниците нема согласност за дел од надворешнополитичките прашања, меѓу кои и односот кон Русија, Спасеновски одговори: „Можеби нема консензус, но не мислам дека се ова тешки предизвици“

Студентското движење во Србија има доволно пратеници за да формира влада, но допрва ќе се види како ќе функционираат како власт поединците, граѓанските организации и помалите партии што се обединија за изборите, оцени професорот Александар Спасеновски во дебатата во „360 степени“ на МРТ 1. Покрај конституирањето на новото собрание, како следен тест за политичката стабилност на Србија тој ги посочи претседателските избори.
За да се разбере како заврши повеќе од 14-годишното владеење на Александар Вучиќ и на неговата Српска напредна партија (СНС), според Спасеновски, важно е да се погледне и резултатот на поразената страна. Со околу 1,7 милиони гласа, СНС останала во распонот од 1,6 до 1,8 милиони, колку што добивала и на претходни избори. Она што се променило по падот на натстрешницата во Нови Сад е што општествената поларизација довела до политичка мобилизација околу Студентската листа.
„Студентското движење, како што можевме да видиме, претставува група составена од индивидуалци, од невладини организации, од помали политички партии, сите заедно обединети во овие вонредни околности коишто беа карактеристични за Србија“,
рече Спасеновски.
Тој смета дека движењето ќе успее да формира нова власт. Кога станува збор за конституирањето на парламентот, Спасеновски посочи на разликата меѓу бројот на мандати што треба да бидат потврдени и бројот на пратеници што треба да присуствуваат на седницата. Според неговото толкување, условот да бидат потврдени најмалку две третини од мандатите не бара и присуство на две третини од пратениците. Оттаму, смета тој, мнозинството што го освои Студентската листа е доволно за да се конституира парламентот.
Повеќе простор за политичка криза Спасеновски гледа околу изборот на нов претседател на Србија. Доколку СНС реши да не учествува, оцени тој, бојкотот би можел да отвори спор околу легитимитетот на идниот претседател, но не би го спречил неговиот избор.
За новата власт тој издвои и три задачи поврзани со европските интеграции – реформа на медиумскиот регулатор и на медиумската сцена, измени во изборното законодавство и прочистување на избирачкиот список, како и усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. На забелешката дека меѓу победниците нема согласност за дел од надворешнополитичките прашања, меѓу кои и односот кон Русија, Спасеновски одговори: „Можеби нема консензус, но не мислам дека се ова тешки предизвици.“

Поранешниот премиер Владо Бучковски даде пократка прогноза. На прашањето каква иднина му предвидува на Студентското движење откако ќе ја преземе власта, одговори: „Ќе бидат подобри од власта на Вучиќ најмалку трипати.“ За Македонија, според него, поважно е што самата ќе направи во однос на своите европски обврски.
„Да не бериме гајле што ќе биде во Србија. Србите си ја завршија својата работа. Дај да видиме дали можеме ние да ја завршиме својата работа“,
рече Бучковски.
