Според Обвинителството, оштетените, иако ги враќале парите со високи камати, поради положбата на зависност во која се нашле, биле принудувани од осомничените членови на криминалната група да ги отстапат своите сметки за понатамошни изнуди и пуштање во оптек на незаконски стекнатите средства
За тројца од осомничените до судија на претходна постапка е доставено барање за определување мерка притвор, додека четвртиот, кој е опфатен во истрагата, не е достапен за органите на прогонот бидејќи одреден период се наоѓа надвор од државата. Меѓу осомничените е и нотар, преку чија канцеларија биле заверувани договорите со фалсификувани потписи за заеми и купопродажби меѓу членовите на групата и нивните жртви. За него Обвинителството бара да му бидат одредени мерки на претпазливост
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица кои се осомничени дека биле дел од криминалната група што подолг период изнудувала пари од граѓани и незаконски ги пуштала во оптек.

Станува збор за осомничени членови на криминална група што вчера беше разбиена акцијата на Обвинителството и полицијата во Куманово која, според досегашните сознанија на истражните органи, изминатите пет години се занимавала со лихварство, изнуда и перење пари.
Меѓу осомничените е и нотар, преку чија канцеларија биле заверувани договорите со фалсификувани потписи за заеми и купопродажби меѓу членовите на групата и нивните жртви.
Според описот на случаите документирани во предистрагата, групата со незаконските активности почнала во 2021 година, а ја формирал жител на Куманово, кој е првоосмничен во истрагата. Тој заедно со останатите членови со груби закани изнудувале пари од оштетени лица, најчесто искористувајќи ја нивната зависност поради претходни заеми.
Закани, фиктивни договори и изнуди
Така, во еден од случаите, жртва на групата од првоосомничениот побарала на заем 4 000 евра, прифаќајќи го условот за еден месец да ја врати сумата со камата од 2 500 евра. Жената во целост го вратила договорениот износ, но, и покрај тоа, осомничениот организатор на групата побарал од неа да ја користи нејзината сметка со цел преку неа да пушти во оптек пари прибавени со изнуди.
„Жртвата одбила, а тој почнал да ѝ се заканува, барајќи да го стави нејзиниот автомобил како наводен залог за фиктивни долгови. По налог на осомничениот бил изготвен фиктивен договор за купопродажба на возилото, како да е гаранција за наводен заем. Освен тоа изготвиле и уште еден фиктивен договор за заем од 1 000 000 денари. На договорите за залог и заем осомничените го фалсификувале потписот на оштетената како заемопримач и без нејзино знаење ги завериле на нотар“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Користејќи ги ваквите договори како алатка за уцена, групата повторно започнала да ѝ се заканува на жената барајќи од неа да им го предаде возилото и да им го врати наводниот долг. Соочена со заканите, сопственоста на возилото била променета во корист на еден од осомничените, од нејзината страна бил исплатен и наводниот паричен долг.
Таа не била единствената за која досегашната истрага обезбедила сознанија. Друг оштетен, уште во 2021 година, во два наврати позајмил по 180 000 денари (околу 3 000 евра) од осомничениот организатор на групата, кои му биле потребни за лекување на сопругата.
Иако, согласно договорите за заем, тој ги вратил парите, осомничените продолжиле да му бараат дополнителни исплати како камата. Како и жената, поради положбата на зависност во која се нашол, тој бил принуден да ѝ дозволи на групата да ја користат неговата сметка за префрлање на големи суми пари изнудени како заеми и потоа да ги извлекуваат во готовина.
Како што информираа од Обвинителството, за тројца од осомничените до судија на претходна постапка е доставено барање за определување мерка притвор, додека четвртиот што е опфатен во истрагата, не е достапен за органите на прогонот, бидејќи одреден период се наоѓа надвор од државата. Нотарот кој дозволил да се заверат лажните документи е осомничен за несовесно работење во службата и за него до Судот е доставен предлог за определување мерки на претпазливост.
Јанев: Имаме докази за целокупните активности на групата
Информирајќи за акцијата, вчера директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, изјави дека полицијата располага со сериозни докази и факти за целокупните активности што ги вршела групата.

Акција, како што кажа тој, следувала откако граѓанин се охрабрил да достави информација до МВР, по што постапиле надлежните служби за прибирање материјални докази.
Во рамките на вчерашните истражни активности, биле направени претреси кај сите лица, при што била пронајдена поголема количина пари и документи, кои упатуваат дека осомничените се занимавале со лихварство и изнуда.
За случајот била известена и Народната банка бидејќи биле пронајдени финансиски средства кои потекнуваат од менувачница на брат на еден од осомничените, рече Јанев.
