„Овој факт отвора сериозни прашања за улогата и влијанието на Влен во државните институции, каде што застапеноста на Албанците треба да биде не само декларативен принцип, туку и реалност во институционалното функционирање“, се вели во партиското соопштение
Во Воената академија годинава не е примен ниту еден кадет Албанец, што се случува по првпат од основањето на институцијата во 1995 година, соопштија денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Од партијата обвинуваат дека Влен не успеал да обезбеди соодветна застапеност на Албанците во институциите.
„Овој факт отвора сериозни прашања за улогата и влијанието на Влен во државните институции, каде што застапеноста на Албанците треба да биде не само декларативен принцип, туку и реалност во институционалното функционирање“,
се вели во партиското соопштение.
Сепак, според ДУИ, одговорноста не може да се сведе само на Влен, туку напоменуваат и дека Владата треба да разбере дека довербата меѓу политичките партнери не се гради преку декларации, туку преку почитувањето на принципите на еднаквост и правична застапеност.
Од партијата оценуваат дека ваквите случаи го нарушуваат духот на Охридскиот рамковен договор и го ослабуваат принципот на правична и соодветна застапеност, што, според нив, може да се одрази и врз меѓуетничките односи.
„Влен мора да даде одговор: Каде исчезна застапеноста што ја ветуваше?“,
велат од ДУИ.
Со ваквиот пристап, како што велат, не се гради доверба, не се почитува принципот на застапеност и не се зајакнува институционалниот соживот.
„Вака не се претставуваат Албанците!“,
се вели во партиското соопштение.
Според ДУИ, застапеноста не е привилегија, туку начело што не смее да биде заложник на политичките калкулации.
