Лидерот на СДСМ побара оставка од Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека не само што била запознаена со понудата на „Алта банка“, туку и дека на нејзин предлог Владата донела заклучоци со кои им укажала на 16 јавни институции да достават писмени изјави за прифаќање или одбивање на понудата за преземање акции
Министерката за финансии во изјава за ТВ Телма вели дека не била консултирана од страна на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за влезот на Алта банка на македонскиот пазар и преземањето на Стопанска банка Битола
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче денеска на социјалните мрежи објави записник од седницата на Владата одржана на 23 септември 2025 година, на која биле разгледувани прашања поврзани со понудата на српската Алта банка за преземање акции во 16 јавни институции.
Според Филипче, од записникот произлегува дека министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска била запознаена со постапката и предложила заклучоци поврзани со понудата на банката.
Ова следи по изјавата на министерката за финансии дека не била консултирана од страна на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за влезот на Алта банка на македонскиот пазар и преземањето на Стопанска банка Битола.

Побара оставка од министерката, како и отворање истрага од Јавното обвинителство за неа и за премиерот Христијан Мицкоски.
Истовремено, побара и вклучување на Европското јавно обвинителство, со цел да се провери финансискиот тек поврзан со Алта банка.
„Гордана Димитриеска-Кочоска да си поднесе оставка, лаже за Алта банка! ОЈО веднаш да отвори истрага и за Христијан Мицкоски и за Кочоска, да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка“,
пишува тој на Фејсбук.
Посочи дека на владината седница биле донесени заклучоци на предлог на министерката за финансии, кои се однесувале на постапувањето на институциите што поседувале акции опфатени со понудата на Алта банка АД Белград.
„Не само што била информирана, туку Владата на Мицкоски токму на предлог на Кочоска носела заклучоци директно поврзани си понудата за преземање акции од страна на Алта банка АД Белград на 16 јавни институции. Еве го записникот. Седница на Влада од 23 септември 2025 година. Владата им укажувала да дадат писмена изјава заљ прифаќање/одбивање на понудата на Алта банка“,
вели лидерот на СДСМ.
Филипче отвори и прашање за евентуална директна комуникација меѓу владините претставници и сопственикот на банката, Давор Мацура, оценувајќи дека треба да се испита дали со таквото постапување му било овозможено да стекне поголем пакет акции на сметка на државата.
„Дали ова значи дека биле во директна комуникација со Давор Мацура и му овозможувале да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата?“,
праша Филипче.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во изјава за ТВ Телма вели дека не била консултирана од страна на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за влезот на Алта банка на македонскиот пазар и преземањето на Стопанска банка Битола.
Според неа, ниту Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот во врска со ова прашање, ниту било информирано дека Алта банка преговара за влез во земјава или кои други институции и банки претходно пројавиле интерес.
„Ние како Министерство не сме имале апсолутно никаква комуникација, ниту знаеме дека оваа банка имала преговори, ниту знаевме кои претходно други институции, банки биле заинтересирани. Така што, најодговорно тврдам дека Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот по однос на ова прашање“,
рече министерката.
Ова следува по изјавата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, дека одлуката за давање согласност на српската Алта банка да влезе во сопственичката структура на Стопанска банка Битола била донесена по тримесечна постапка, во која биле вклучени и други институции. Според него, супервизорските служби оцениле дека новиот инвеститор ги исполнува условите.
