„Саботажа Friends“, емитувана на 31 јануари 2020 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
by 360степени
„Саботажа Friends“, емитувана на 31 јануари 2020 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
by 360степени
Во новото издание на „360 степени“ на ТВ Алсат (31 јануари 2020 г.):
Обединетото Кралство на полноќ ја напушта Европската Унија, а Македонија се бори да влезе во Унијата – има ли рационално објаснување за ваквата контрадикција?
Разговараме со:
Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи;
Љупчо Поповски, новинар коментатор и
Цвете Конеска, Македонка што живее и работи во Лондон (доктор на политички науки од Универзитетот во Оксфорд)
– „Саботажа“
by 360степени
Новинарот и коментатор Љупчо Поповски во дебата на „360 Степени“ зборуваше за тоа дали има поврзаност меѓу Брегзит и француското противење за почеток на преговорите со ЕУ на С. Македонија и Албанија.
„Читајќи многу материјали од инсајдери во Брисел, една од забелешките после октомврискиот самит беше дека отсуството на Британија му помогнала на Макрон да го стави ветото во октомври за Македонија и за Албанија. Бидејќи веќе имаше наредба, одлука на Борис Џонсон, претставниците на Велика Британија да не присуствуваат на состаноците, освен на некои пониски структури“,
вели Поповски.
Поповски вели дека Британија беше еден од најголемите заговорници за проширување на ЕУ кон посткомунистичка Европа, па со нејзиното излегување тој простор ќе остане непополнет.
„Британија ја играше улогата на некаков мост и пречка помеѓу Франција, Германија и останатите земји во ЕУ, особено нордиските, Холандија и Ирска, сега тој простор е оставен празен. Тоа го гледаме и по постапувањето на Макрон. Сега тој наеднаш сака да се постави како главен играч во ЕУ и тој да ја наметне агендата за геополитиката и за внатрешното уредување во ЕУ. Мислам дека ќе има последици отсуството на Британија“,
вели Поповски.
Тој вели дека со излегувањето на Британија од ЕУ има назнаки дека се формира друг блок на противтежа од држави кои се залагаат за слободна трговија, либерални вредности и единствен пазар.
„Тука се Ирска, Холандија и трите нордиски земји. Тие ќе ја немаат истата сила како кога беше и Британија, но ќе се создаде еден блок којшто треба да им се спротистави на јужните земји како Шпанија, Италија и Грција, а во кои спаѓа и Франција, а Германија е тука да балансира меѓу север и југ. Никој не знае што ќе се случува“,
вели Поповски.
by 360степени
Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во дебата на „360 Степени“ рече дека по излегувањето на Британија од ЕУ, фокусот ќе биде на билатералните односи.
Како што кажа, по две и пол години преговори меѓу двете земји, спремен е билатералниот договор со наслов „Договор за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Велика Британија“.
„Првенствено ќе биде фокусиран на економските и трговските односи, но она што е битно е дека оваа димензија ќе трае до крајот на транзицискиот период, што трае една година. Иако имаме една година, мислам дека на некоја од наредните седници на Владата ќе биде изгласан овој договор. И двете страни инсистираа да биде час поскоро решена таа димензија, што значи дека односите ќе бидат најнормални“,
рече Жерновски.
Тој вели дека од регионот единствено Косово пред С. Македонија изгласува ваков договор со Велика Британија.
Во однос на гласањето за договорот во парламентот, Жерновски вели дека најверојатно тоа ќе се случи во новиот парламентарен состав по изборите.
by 360степени
Цвете Конеска, Македонка која живее и работи во Лондон, инаку доктор на политички науки од Универзитетот во Оксфорд, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за Брегзит, односно излегувањето на Велика Британија од ЕУ, и дали е контрадикција желбата на С. Македонија за членство во унијата.
„Јас тоа не го гледам како контрадикција воопшто. Ситуацијата во којашто се наоѓа Македонија и македонското општество е сосема поразлична од ситуацијата во којашто е Обединетото Кралство во моментот. Ние можеме да повлекуваме паралели и аналогии, но клучната разлика е токму во имиграцијата, за што, би шпекулирала, но Велика Британија и Македонија се на две сосема спротивставени страни. Кога С. Македонија би станала дел од Европската Унија, претпоставувам дека нашето општество би поминало низ процес на емиграција. Додека во Обединетото Кралство ситуацијата е поинаква и со секоја година нето имиграцијата е позитивна, тоа се над 100 илјади луѓе кои остануваат секоја година во Обединетото Кралство“,
вели Конеска.
Конеска вели дека ова е всушност и најважниот аспект од дебатата околу Брегзит и членството на Велика Британија во Европската Унија.
„Без разлика на економските придобивки, на политичките вредности, на културните и образовни врски помеѓу Обединетото Кралство и Европа, јас мислам дека имиграцијата беше клучното прашање коешто придонесе да го видиме овој резултат и на референдумот и на изборите. И токму затоа велам дека не е контрадикција, затоа што Македонија не се наоѓа во таа ситуација. Затоа што и тука во Обединетото Кралство многу малку спорат за економските придобивки од членството во заедничкиот пазар во ЕУ, многу малку се спори фактот дека заеднички политички проект и заедничка репрезентација на меѓународни форуми е корисно. Меѓутоа, прашањето беше колку тие придобивки коишто се неспорно придобивки за секој нов член, како и нашата држава, колку би можеле да компензираат за перцепцијата за тоа колку државата губи од имиграција. И затоа мислам дека тоа е клучната разлика и дека Македонија не е во ситуација да извлече некоја поука од тоа што се случува во Обединетото Кралство сега“,
рече Конеска.
Обвинетите во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева, во период од месец и половина, односно од наредната недела па сè до средината на март, треба да се појават во судница на 18 рочишта.
Термините на крајот на денешното рочиште ги закажа судијката Васка Николовска-Масевска. Така, наредната недела има две рочишта, на 6 и 7 февруари. Во неделата после таа, рочишта се закажани за четири од вкупно петте дена, односно слободен е само 12 февруари.
Понатаму, до крајот на февруари, односно во последните две недели од месецот треба да се одржат уште шест рочишта.
По 12-те рочишта во февруари, Николовска-Масевска закажа уште шест термини за март, во периодот од 3 до 13 тој месец.
Судскиот случај „Рекет“ се наоѓа во доказна постапка. Досега се сослушаа сите сведоци предложени од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, па на вчерашното и денешното рочиште се изведуваа материјалните докази против Јовановски и Јанева.
Присутните во судницата можеа да ги видат запленетите работи од претресите во нивните домови и канцеларии, меѓу кои најмногубројна е облеката на Боки спакувана во 71 вреќа.
Меѓу материјалните докази се и снимките направени од Орце Камчев, кои беа објавени во италијанскиот весник „Ла Верита“. Тие требаше да се пуштат во судница денеска, но поради технички проблеми нивното гледање се одложи за на 6 февруари. На листата докази што треба да бидат изведени се и прислушувани разговори од ПИ-мерки, како и извештаи од вештачењата на мобилните и лаптопите.
*Поврзани вести:
Боки: Преседан е да ми ја одземете цела гардероба, барам парче по парче да се извади во судница
Чанта „луј витон“, гарнитура, УСБ, мобилни меѓу запленетите работи на Катица Јанева
Вреќите со запленета облека со камион биле носени од домот на Боки
Боки на рака му напиша писмо на Јовески, бара да биде изведен пред него
Обвинителството му го запленило и сребрениот костум на Боки, инспириран од Волшебникот од Оз
*Што се случуваше на рочишта пред да се почне со изведување на материјалните докази, прочитајте во сумираните извештаи на „360 степени“:
Судење за „Рекет“ – чин втори (ВИДЕО)
Судење за „Рекет“: „Обвинителот Боки“ и „госпоѓата Јанева“ низ сведочењето на Камчева
Судење за „Рекет“ – „Поштенска банка“ влезе во записниците
Судење за „Рекет“ – „Прокуристот“ Боки 13 во улога на уредник и домаќин на политичари
Рустеми за „Поштенска банка“: Апсурдно беше да се затвори предметот со спогодба
Граѓани и активисти попладнево ги повикаа пратениците, пред распуштањето на парламентот, да ги изгласаат законските измени за забрана на увоз на „отпад за горење“ од странство. Симболично, седнаа на булеварот пред Собрание за да ја прикажат „чекалницата” во која, како што велат, се оставени граѓаните додека законот е заглавен во собраниска процедура.
Организаторите на протестот кој го носи името „Петоци за иднинатата Скопје”, што е домашен пандан на слични настани во многу светски градови, упатија барање за итен мораториум на увозот на отпад до собраниските служби.
„Државата нема капацитети, лаборатории и механизми за соодветно и неопходно испитување на отпадот што влегува во државата заради согорување. Токму затоа, бараме мораториум на увозот на отпад додека државата не оспособи лаборатории кои ќе ги испитуваат евентуалните отрови што ги содржи увезеното ѓубре“,
пишува во барањето на активистите.
Организаторите се скараа со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ
Во знак на поддршка на протестот дојдоа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа итно да се стави на дневен ред предлог-законот за ограничување на увозот на отпад. Притоа, обвинија дека власта не презела никакви мерки за намалување за загадувањето. Изјавата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пред насобраните граѓани побуди револт кај дел од организаторите на протестот.
„Срам да ви е, во ваше време вие што направивте“, им довикуваа на пратениците додека даваа изјава за медиумите.
Пред протестот СДСМ најави поддршка за законските измени
Непосредно пред протестот, на прес-конференција во зградата на Собранието, координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митревски, најави дека СДСМ ќе гласа „за“ законот.
„Како пратеници на СДСМ се обврзуваме дека во најбрз можен рок ќе усвоиме целосно системско решение за овој проблем, кое ќе ги опфати сите аспекти на управување со отпадот и нема да го загрози процесот на извоз на опасниот токсичен отпад од нашата држава”,
изјави Митревски.
Минатата недела токму пратениците од парламентарното мнозинство решија да не расправаат за предлог-законот со кој се забранува увоз на отпад како извор на енергија. Причината, наведоа, е тоа што државата како потписничка на Базелската конвенција мора да увезува ако сака и да извезува отпад, за што биле потребни консултации.
Ваквото образложение за политичката партија на „зелените“ ДОМ и за невладините здруженија е обид за манипулација на јавноста.
Следните протести се најавени за 5 февруари. Демонстрантите ќе се обидат да ја блокираат Цементарницата „Усје“. Причината за радикалниот чекор е што не им веруваат на инспекциските служби.
Во очекување на распуштањето на парламентот и официјалниот старт на предизборието, неизвесно е дали на овие избори ќе има директен дуел меѓу лидерите на двете најголеми партии. Односно дали Зоран Заев (СДСМ) и Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ) ќе се соочат во иста изборна единица како носители на листите на своите коалиции или единствено ќе остане ривалството на национално ниво како кандидати за иден премиер.
Централниот одбор на СДСМ синоќа ја почна постапката за номинирање и самокандидирање за претстојните парламентарни избори. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, досега не добивме одговор кога ќе почне постапката за кандидирање и како ќе тече процедурата. Калкулациите околу можните кандидати за пратеници се очекува да се засилат кон средината на февруари, односно по распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите, кога ќе почнат да течат и роковите за спроведување на изборните дејствија. Кон средината на март, партиите и коалициите што ќе учествуваат на изборите треба да ги достават кандидатските листи во ДИК.
Првичните проценки во ВМРО-ДПМНЕ се дека се реални шансите партискиот лидер Христијан Мицкоски да не биде носител на листа на коалицијата, па и воопшто да не се кандидира за пратеник, туку единствено да настапува како кандидат за премиер. Тоа би било во прилог на иницијативата што тој ја пласираше пред извесно време за т.н. „шпицен кандидат“. И за ова прашање денеска нема поконкретен одговор од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова ќе бидат први парламентарни избори за Мицкоски, за кого прв изборен тест по доаѓањето на чело на ВМРО-ДПМНЕ беа ланските претседателски избори. На локалните избори во 2017 година, пак, Мицкоски беше носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, но веднаш се повлече од советничкото место, со оценка дека тие избори биле „африканско-колумбиско-сицилијански“. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе ги носи одлуките за позициите на Мицкоски не претстојните избори, покрај одлуката што беше донесена на крајот на годината – тој да настапува како кандидат за премиер.
Но и Заев планира враќање на чело на Владата, така што во повеќе наврати истакнува дека бара нов и чист мандат.
Во однос на доскорешниот премиер, ситуацијата е почиста, односно најавите од СДСМ се дека тој и на овие избори ќе биде носител на листа, веројатно, повторно во четвртата изборна единица (ИЕ). И на минатите избори Заев беше носител на листата во овој регион, во чиј состав е и Струмица. Така, го „принуди“ тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, исто така, да се кандидира во оваа ИЕ – за да има директен дуел со неговиот главен противник.
Иако внатрепартиските процедури за номинирање кандидати за пратеници се на самит старт, од партиските штабови почнуваат да излегуваат првите лицитации околу можните носители на листи. Соговорници од ВМРО-ДПМНЕ како сигурен носител на листа ја споменуваат кандидатката на претседателските избори Гордана Силјановска-Давкова и тоа за првата (скопска) ИЕ, каде што во 2016 година беше носител на листа (на СДСМ) и сегашниот шеф на државата Стево Пендаровски, откако ги изгуби претседателските избори во 2014 година.
Во случај, пак, Мицкоски да биде носител во „единицата“, тогаш Силјановска, според проценките, би била носител во „петката“, во чиј состав се Охрид и Кичево… Како можен носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ во втората ИЕ се спомнува партискиот потпретседател Владо Мисајловски, а во „тројката“ генералниот секретар Игор Јанушев. Владимир Ѓорчев, наводно, е повторно во игра за „шестката“, а како можен носител на листа се спомнува и техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, при што, според најавите, би се водела сметка тоа да биде ИЕ каде што на чело на листата на СДСМ би била жена.
Од „женското лоби“ во СДСМ, пак, како можно ново име за носител на листа се спомнува сегашната вицепремиерка Мила Царовска, а во комбинација повторно е и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Во втората ИЕ носител би бил техничкиот премиер Оливер Спасовски, освен ако не се процени дека, поради обврските на чело на Владата, нема да може да се вложи доволно во партиската кампања. За „тројката“ како можен носител и овој пат се спомнува Љупчо Николовски, актуелниот генерален секретар на СДСМ.
by 360степени
Осум камиони со гориво од отпад пристигнаа во царинско складиште во Скопје. Информацијата до „360 степени“ ја достави лице кое сакаше да остане анонимно, но во чиј кредибилитет редакцијата можеше да се увери. До „360 степени“ пристигна и фотографија од дел од возилата, за чиј товар нашиот извор вели дека е загрижен. Неофицијално, во нив има гориво од отпад наменето за голем индустриски капацитет во главниот град на земјата, а потеклото на пратката е од Италија.
„360 степени“ праша во Царинската управа кога и зошто камионите влегле во земјата, каков товар носат и зошто се паркирани во царинско складиште во Скопје. Во писменото обраќање до Царината наведовме и дека поседуваме фотографија од возилата. Оттаму ни одговорија дека не ја виделе фотографијата за да кажат дали станува збор за камионите кои завчера беа запрени на граничниот премин „Богородица“ и од чиј товар беа земени мостри.
Но, царинските власти, сепак, потврдија дека 11-те запрени камиони биле само дел од поголема пратка и дека додека се чекаат резултатите од испитувањата за содржината на товарот, некои камиони веќе се пристигнати во Скопје.
„Информираме дека увозот на 11-те камиони што ги спомнувате се дел од пратка од 42 камиона. Од споменатите камиони се земени мостри за анализа и увозната постапка е привремено запрена се до добивање на резултатите од анализите. Камионите кои пристигнуваат, во меѓувреме се сместуваат под надзор во царински склад се до конечна одлука за продолжување на постапката. Претпоставуваме дека се работи за овие камиони, бидејќи немаме други увози на цврст отпад“,
велат од Царинската управа.
Единаесетте камиони со вкупно 261 тон отпад беа запрени на влез од Грција пред два дена, во вонредна контрола од Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и Царинската управа. По случаен избор биле земени мостри од два камиона кои се испратени на испитување во истражен центар во Естонија. Тие камиони, како што тогаш информираше Царината, носеа т.н. РДФ-отпад, односно преработено алтернативно гориво.
Според министерот за животна средина Насер Нуредини и директорот на царинската управа Ѓоко Танасовски, вонреден инспекциски надзор пред два дена на пратката со РДФ-отпад на граничниот премин „Богородица“ покажал дека документацијата е уредна. Но, товарот на камионите не е ставен во домашен промет затоа што се чекаат резултатите од земените мостри.
„Земени се примероци од РДФ, пуштени се во акредитирана лабораторија во Естонија од каде што очекуваме резултати во рок од 7 до 10 дена и тие ќе ви бидат соопштени кога ќе ги добиеме“,
рече Танасовски, кој дополни дека Царината, во однос на пратката запрена на ГП „Богородица“ со РДФ-отпад, постапила согласно сите надлежности.
by 360степени
Во своето обраќање на почетокот на новиот дијалог „Жан Моне“, претседателот на парламентот ги повика пратениците да ги приближат ставовите за ограничување на конститутивната седница на два дена, за календарот на Собранието, за надзорните расправи…
Претседателот на Собранието Талат Џафери ги повика пратениците од сите партии во парламентот да ги приближат ставовите за спорните прашања во собранискиот Деловник, кој е централна тема на дискусија и на новата сесија од дијалогот „Жан Моне“, кој почна попладнево во парламентот.
Во своето обраќање пред колегите пратеници и пред европарламентарците Илхан Кјучук, Андреас Шиедер и Марион Валсман, Џафери повика на надминување на разликите во однос на ограничувањето на конститутивната седница на два дена, календарот на Собранието, надзорните расправи, идејата за двотретинско одобрување на закони по скратена постапка, изборот на генералниот секретар… ограничувањето на конститутивната седница на два дена, календарот на Собранието, надзорните расправи, идејата за двотретинско одобрување на закони по скратена постапка, изборот на генералниот секретар… Секако, рече Џафери, можеме да разговараме и за промената на името на државата во член 1, за мнозинството за одземање на имунитет на пратеник…
„Имајќи го предвид сиот контекст по мојот избор, односно по непријатните настани од 27 април, знаете дека мојата комуникација со сите вас, сепак, беше постојана и затоа ми се познати и вашите ставови околу спорните прашања меѓу опозицијата и власта. Знам дека сте свесни дека сè што правиме е во насока на подобрување на функционалноста на институцијата, за тоа се одрази и во реалниот живот на нашите граѓани. Секако, тоа е во прилог и на нашите напори за добивање на датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ“,
рече Џафери.
Тој нагласи дека ова не е најблагодарниот тајминг за финализирање на дебатата околу Деловникот, со оглед на тоа што на 12 февруари овој парламентарен состав се распушта, а на 12 април ќе се одржат предвремени избори. Меѓутоа, додаде, не може да се занемари дека со промените во Деловникот ќе се постават цврсти темели за понатамошното функционирање на Собранието. На тој начин, како што рече, Деловникот нема да се поставува како пречка на толку потребните реформи во општеството, во државата и во нашиот менталитет во крајна инстанца.
„Наша цел е да зајакне улогата на Собранието и убедени сме дека овој дијалог нуди вистинска можност тоа да се стави не само во центарот на градење консензус во врска со законодавството за поддршка на реформската агенда на ЕУ, туку и да ja предводи реформската агенда, затоа што се познати нашите стратегиски определби, односно членството во НАТО и ЕУ. За тоа се потребни функционални институции, функционално Собрание“,
рече Џафери.
Тој посочи дека во овој собраниски состав, сепак, е постигнато многу во однос на реформирањето на Собранието. Притоа ги спомна измените на Законот за Собрание, кои, како што рече, овозможуваат финансиска и административна независност, што се две од трите цели на речиси секој парламентарен состав од осамостојувањето па наваму.
„Набрзо ќе се отвори и парламентарната буџетска канцеларија која ќе биде директна поддршка за финансиската независност на Собранието. Останува да се работи во насока на независност на обезбедувањето на Собранието. Остануваме посветени да осигуриме нашиот консензус да биде уште попродуктивен и да донесе самоподобрувања во начинот на функционирање на Собранието, со најмала можност за злоупотреба на деловничките права во насока на попречување на работата,“
нагласи Џафери.
by 360степени
Спроведениот вонреден инспекциски надзор пред два дена на пратката со РДФ-отпад на граничниот премин „Богородица“ покажал дека документацијата е уредна, а се очекуваат резултатите од анализата на примероците земени од инспекторите и царинските служби, а во моментов сме во исчекување на резултатите што се спроведува во соодветна акредитирана лабораторија, изјави денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прес-конференција во Министерството заедно со директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасовски.
„Земени се примероци од РДФ, пуштени се во акредитирана лабораторија во Естонија од каде што очекуваме резултати во рок од 7 до 10 дена и тие ќе ви бидат соопштени кога ќе ги добиеме“,
рече Танасовски, кој истакна дека Царината, во однос на пратката запрена на ГП „Богородица“ со РДФ-отпад, постапила согласно сите надлежности.
Нуредини рече дека Управата за животна средина при Министерството работи на обработка на податоците во однос на видот и количините на увезен, извезен и транзитиран отпад низ територијата на земјава и дека Министерството има единствено издадено дозволи за увоз на опасен отпад од типот оловни акумулатори во количина од 12.500 тони, за правни субјекти кои поседуваат дозвола за нивен третман и преработка. Тие потоа се реупотребуваат, препродаваат или извезуваат како производи во и надвор од земјата, наведе Нуредини додавајќи дека само една инсталација во државата поседува дозвола за увоз на алтернативно гориво РДФ во количина до 25.000 тони годишно.
Најголемата количина увезен отпад во нашата земја е отпадното железо и челик, кои инсталациите ги користат како суровина од која по преработката се добива производ што се пласира на пазарот.
„Согласно постојниот закон, во земјата е дозволен единствено увозот на отпад што може безбедно да се преработи, без опасност од загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, безбедно да се користи како суровина или безбедно да се користи како извор на енергија (согласно карактеризациите на ЕУ за алтернативни горива). Увоз на отпад заради складирање и депонирање не е дозволен во нашата земја, и јас како министер нема да дозволам нашата држава да стане депонија за отпадот од другите земји“,
истакна Нуредини.
Тој изрази очекување дека во скоро време ќе бидат донесени шесте закони на кои работеле во изминатите две години.
Пред два дена на граничниот премин „Богородица“, на влез од Грција во Северна Македонија, биле запрени 11 пратки со отпад.
Запрените 11 камиони со РДФ-отпад, односно преработено алтернативно гориво, биле со крајна дестинација Цементарница „Усје титан“. Вкупната количина на отпадот е 261 тон.
by 360степени
Шефицата на бугарската дипломатија смета дека новата методологија не треба да ги спречува преговорите на Северна Македонија со ЕУ
Новата методологија не треба да го спречува процесот на проширување на Европската Унија и почнувањето преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, изјави денеска шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.
За време на денешната средба со турскиот министер за надворешни работи, меѓу останатото, била разгледана и новата методологија за проширување на ЕУ. Захариева рече дека за тоа прашање треба да се чека одлуката на Европската комисија, која ќе биде објавена на 5 февруари, пренесе БГНЕС.
„Преговорите и одобрувањето на новата методологија не треба да бидат причина за запирање на тековните процеси, како што е започнување преговори со Северна Македонија и Албанија“, изјави Захариева.
Кој да ги достави амандманите на предлог-законот за јавно обвинителство по јавната расправа – партиите или експертите? Околу ова прашање се главните несогласувања меѓу власта и опозицијата, по денешната средба на која учествуваа претставници на политичките партии и пратеничките групи кои се дел од актуелниот парламентарен состав.
Средбата се организираше откако претходно два дена во Собранието имаше јавна расправа на оваа тема на која учествуваа професори, адвокати, обвинители…
По состанокот, министерката за правда Рената Дескоска, без да прецизира кои, рече дека дел од забелешките од дискусијата се прифатливи, но ќе почека до утре до 12 часот партиите да достават амандмани.
„Од ВМРО-ДПМНЕ не дадоа сопствени амандмани туку прочитаа забелешки кои наводно излегле од јавната расправа и се повикуваат на членови од искажувањата на правните експерти. Ние отворивме дури и дебата за толкувањето на определени ставови на експертите и видовме дека има различно читање на одредени ставови, така што се побара од нив да подготват амандмани исто како и другите групи и тоа да го направат утре до 12 часот. Секако, очекуваме ако имаат конститутивен приод во носењето тоа да го направат, но останува и нивното право да не дадат амандмани“,
изјави Дескоска.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се на став дека наместо партиите да достават амандмани, Министерството треба да ги повика професорите што ги изнеле забелешките да учествуваат во подготовката на законското решение. Образложението на Антонио Милошоски за ваков предлог е да се избегне политизација на законот.
„Бидејќи не успеавме да се договориме чиј правен аргумент е посилен, одлучивме на министерката за правда да ѝ ги предочиме забелешките што експертите ги дадоа по однос на работната верзија за околу 25 члена. Од нив никој не го негираше концептот и структурата, но најголемиот дел од нив го оценија како нецелосен и фаличен и како текст кому му треба големо подобрување за да можеме да имаме ефикасен закон за јавно обвинителство. Се надеваме дека Министерството ќе биде на ниво на задачата, да ги исконтактира експертите и да го подобри текстот на законот“,
изјави Милошоски.
Артан Груби од ДУИ, пак, рече дека очекува консензус.
Тие, како што рече тој, побарале во законот за ЈО да се отслика Законот за јазиците и да се намалат критериумите за да има соодветна етничка застапеност. На денешната средба реагирале и зашто 10 амандмани што претходно биле усогласени на Комисијата за европски прашања, сега не биле инкорпорирани во предлог-законот.
Кога станува збор за останатите пратенички групи, според изјавата на Дескоска, некои веќе ги изготвиле забелешките и амандманите и ги доставиле, додека други ги изнеле ставовите и ветиле дека до утре ќе испратат амандмани.
В понеделник, најави таа, веројатно ќе се организира уште една средба во поширок состав.
*Поврзана вест:
ДУИ во Собрание го достави предлог-законот за ветинг, очекува да биде усвоен пред изборите
by 360степени
Министрите за финансии и поморство на Грција ја изразија политичката волја на владата и дадоа зелено светло Фондот за користење на државен имот (ТАИПЕД), кој е надлежен за приватизациите, да продолжи со процедурата за објавување меѓународен повик за избор на инвеститори за 10 регионални пристаништа, соопшти грчкото Министерство за финансии, пренесува МИА.
Планирано е да се приватизираат пристаништата во грчките градови Александрополи, Кавала, Волос, Игуменица и Патра, пристаништата Рафина, Лаврио и Елевсина што се во близина на Атина, како и едно на островот Крф и едно во Ираклио на Крит.
„На овој начин, секое пристаниште ќе стане стане столб на локалниот развој, со повеќекратни придобивки на ниво на инвестиции, создавање работни места и зголемено трговско движење на регионално ниво. Од големо значење ќе бидат и општите придобивки за Грција, како на економско ниво, со зголемување на јавните приходи, така и на геостратегиско ниво, преку зголемување на меѓународната трговија преку нашата земја“, соопштија од Министерството.
©2024 360 степени, Сите права се задржани