Граѓани и активисти попладнево ги повикаа пратениците, пред распуштањето на парламентот, да ги изгласаат законските измени за забрана на увоз на „отпад за горење“ од странство. Симболично, седнаа на булеварот пред Собрание за да ја прикажат „чекалницата” во која, како што велат, се оставени граѓаните додека законот е заглавен во собраниска процедура.
Организаторите на протестот кој го носи името „Петоци за иднинатата Скопје”, што е домашен пандан на слични настани во многу светски градови, упатија барање за итен мораториум на увозот на отпад до собраниските служби.
„Државата нема капацитети, лаборатории и механизми за соодветно и неопходно испитување на отпадот што влегува во државата заради согорување. Токму затоа, бараме мораториум на увозот на отпад додека државата не оспособи лаборатории кои ќе ги испитуваат евентуалните отрови што ги содржи увезеното ѓубре“,
пишува во барањето на активистите.
Организаторите се скараа со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ
Во знак на поддршка на протестот дојдоа и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои побараа итно да се стави на дневен ред предлог-законот за ограничување на увозот на отпад. Притоа, обвинија дека власта не презела никакви мерки за намалување за загадувањето. Изјавата на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пред насобраните граѓани побуди револт кај дел од организаторите на протестот.
„Срам да ви е, во ваше време вие што направивте“, им довикуваа на пратениците додека даваа изјава за медиумите.
Пред протестот СДСМ најави поддршка за законските измени
Непосредно пред протестот, на прес-конференција во зградата на Собранието, координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митревски, најави дека СДСМ ќе гласа „за“ законот.
„Како пратеници на СДСМ се обврзуваме дека во најбрз можен рок ќе усвоиме целосно системско решение за овој проблем, кое ќе ги опфати сите аспекти на управување со отпадот и нема да го загрози процесот на извоз на опасниот токсичен отпад од нашата држава”,
изјави Митревски.
Минатата недела токму пратениците од парламентарното мнозинство решија да не расправаат за предлог-законот со кој се забранува увоз на отпад како извор на енергија. Причината, наведоа, е тоа што државата како потписничка на Базелската конвенција мора да увезува ако сака и да извезува отпад, за што биле потребни консултации.
Ваквото образложение за политичката партија на „зелените“ ДОМ и за невладините здруженија е обид за манипулација на јавноста.
Следните протести се најавени за 5 февруари. Демонстрантите ќе се обидат да ја блокираат Цементарницата „Усје“. Причината за радикалниот чекор е што не им веруваат на инспекциските служби.