„Вакцините се набавуваат од централното депо на УНИЦЕФ, во тек е организација на логистиката, така што се завршува со деталите“, вели министерот за здравство
Министерот за здравство Сашо Клековски очекува и се надева дека вакцините бесеже ќе пристигнат во земјава наскоро и дека нема да има проблеми во врска со прекинот на вакцинацијата.

„Вакцините се набавуваат од централното депо на УНИЦЕФ, во тек е организација на логистиката, така што се завршува со деталите“,
додаде Клековски.
Прашање на денови, вели министерот, е пристигнувањето на бесеже во земјава.
Министерството за здравство минатата недела соопшти дека превентивно се одложува имунизацијата со вакцината бесеже од производителот од Бугарија, за која во Хрватска се тврди дека предизвикала несакани ефекти. Употребата на спорните серии на бесеже во земјава, како што изјави Клековски, е завршена пред повеќе месеци и во моментов нема во употреба вакцини од овие серии. За да се утврди дали имало евентуални несакани дејства кај пациенти и дали тие може да се поврзат со употребата на оваа вакцина, ќе се прави детална анализа.
Во меѓувреме, здравствените власти од земјава постигнаа согласност со УНИЦЕФ за обезбедување вакцини бесеже од Јапонија за период од една година за да се обезбеди континуитет на оваа имунизација.
