Кочанскиот суд утринава добил известување од Министерството за внатрешни работи (МВР) дека обвинетата не е пронајдена на нејзината адреса на живеење во градот и оти не се јавила во судот согласно определените мерки, по што известувањето веднаш било испратено до Основното јавно обвинителство Кочани за да даде предлог за евентуално построга мерка
„Известен е јавен обвинител од страна на судот утрово, и веднаш до судот е доставен предлог за определување мерка притвор, иако судот може да постапува и по службена должност“, велат од републичкото Јавно обвинителство
Кочанското Основно јавно обвинителство денеска доставило предлог за определување мерка притвор на Ива Михаилова, еден ден откако беше обзнането дека таа се наоѓа во Бугарија, иако од страна на надлежните институции ѝ беа одземени двата пасоши – македонскиот и бугарскиот, како дел од превентивните мерки кои требаше да спречат таа да ја напушти Македонија, бидејќи против неа се води судски процес за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Дека е доставен предлог за определување на најстрога мерка за обезбедување присуство потврди Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, а по претходно известување од кочанскиот суд.
Имено, претседателот на кочанскиот Основен суд, Спиро Борисов, за дел од медиумите изјавил дека во 9:40 часот утринава кочанскиот суд добил известување од Министерството за внатрешни работи (МВР) дека обвинетата не е пронајдена на нејзината адреса на живеење во градот и оти не се јавила во судот како што ѝ беше наложено со мерките за обезбедување присуство.
Известувањето, наведува тој, веднаш било испратено до Основното јавно обвинителство Кочани кое треба да даде предлог за определување евентуално построга мерка на Михаилова, по што судот ќе одлучува.
„Известен е јавен обвинител од страна на судот утрово, и веднаш до судот е доставен предлог за определување мерка притвор“,
велат од републичкото Јавно обвинителство.
Оттаму додваат дека судот би можел да постапи и по службена должност.
Инаку, откако судот ќе одлучи по предлогот на Обвинителството, би можел да постапи и по службена должност.
Откако ќе ја донесе одлуката во однос на притворот, судот потоа издава наредба до Министерството за внатрешни работи (МВР) за распишување меѓународна потерница по бараното лице.
Засега нема информација од кочанскиот суд дека е донесена одлука по предлогот на ОЈО Кочани и дали е издадена наредба за распишување потерница.
Дека Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско и со бугарско државјанство, ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на адвокатот Николај Димитров од Бугарија вчера утрото ја објави бугарската БТВ. Во изјава за медиумот, Михаилова рече дека поради влошената здравствена состојба во која се наоѓа, одлучила да замине во Бугарија.
Иако таа во изјавата наведе дека нема ништо нелегално преминувањето на македонско-бугарската граница и оти тоа го сторила со своите документи за лична идентификација, македонските власти вчера соопштија дека Михаилова не била евидентирана ниту од македонската ниту од бугарската гранична полиција при излез од Македонија, односно при влез во Бугарија.

На Михаилова, како што соопштија од Обвинителството, и двата пасоша ѝ биле одземени уште во октомври минатата година, кога учествуваше во сообраќајната несреќа со смртни последици за која ѝ се суди во Кочани.
Нејзиното заминување во Бугарија, што таа го оправдува со потребата од лекување бидејќи наводно во земјава е дискирминирана поради декларирање бугарска национална припадност, предизвика бурни реакции во земјава, особено од страна на опозициските партии.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и денеска го повтори барањето за оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за одговорност за сите за кои ќе се утврди вмешаност во пуштањето на Михаилова да замине од државата.
Од опозициската партија упатија критики до власта со тврдења дека се случуваат договори „под маса“ за кои јавноста не е информирана, а во тој контекст бегството на Михаилова го поврзуваат со минатонеделните средби што министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ги имаше во Софија, меѓу кои и онаа со неговата колешка Велислава Петрова-Чамова.
Преставниците на властите во Софија негираат дека имале какви било претходни информации за заминувањето на Михаилова, тврдејќи дека за тоа дознале од медиумите.
Бугарскиот европратеник од редовите на партијата ГЕРБ, Андреј Ковачев, синоќа во гостување во емисија на Бугарската национална телевизија (БНТ), изјави дека Скопје нема основа да поднесува поплаки до европските институции за случајот со Михаилова, за кој, како што вели, веќе лично ја информирал претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на состанокот на Европската народна партија.
