Покрај одземените пасоши (македонскиот и бугарскиот), од Обвинителството велат дека на Ива Михаилова ѝ било забрането да ја преминува македонската граница со лична карта, имала забрана да го напушта Кочани и обврска да се јавува кај службено лице
На Ива Михаилова од Кочани, која е обвинета за тешка сообраќајка со смртни последици и на која ѝ се суди во земјава, одземени и се двата пасоша – и македонскиот и бугарскиот – уште од 9 октомври 2025 година, односно два дена по сообраќајката. Ова попладнево го соопштија од Јавното обвинителство откако утринава беше објавено дека младата Михаилова ја напуштила земјава и заедно со својот адвокат заминала за Бугарија.

Покрај одземените патни исправи, од Обвинителството велат дека на Михаилова ѝ било забрането да ја преминува македонската граница со лична карта, имала забрана да го напушта Кочани и обврска да се јавува кај службено лице.
„Надлежниот јавен обвинител ги презеде сите чекори во негова надлежност за обезбедување на лицето, а ризикот од бегство беше една од клучните основи поради кои обвинителството повеќе пати даваше негативно мислење во однос на барањето за враќање на патната исправа“,
соопштија од Јавното обвинителство.
Повикувајќи се на информации од заедничкиот контант-центар, од МВР претходно соопштија дека ниту македонската ниту бугарската гранична полиција не евидентирале излез од Македонија односно влез во Бугарија на Ива Михаилова. Таа, пак, во изјава за бугарските медиуми денеска кажа дека нема ништо нелегално во преминување на македонско-бугарската граница. Рече дека тоа го сторила со своите лични документи.
Поврзани вести:
- Ива Михаилова успеала да ја помине македонско-бугарската граница – адвокатот не кажува на кој премин
- Ива Михаилова била на стоп-листата на МВР, излез од Македонија не е регистриран
- МВР потврди: Нема евидентиран излез од земјава на Ива Михаилова
- Бугарската полиција не евидентирала легален влез на Ива Михаилова во Бугарија – велат од МВР
- Македонското МНР за бегството на Михаилова: Приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака
