Од Министерството најавија дека за случајот ќе ги информираат Европската Унија и Советот на Европа, бидејќи, како што велат, ваквите случаи отвораат сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најави дека ќе ги информира Европската Унија и Советот на Европа за случајот со, како што велат, бегството на Ива Михаилова од земјава и нејзиниот прием на високо ниво во Софија. Од МНР велат дека постапувањето на бугарските институции во случајот ги подрива вложените напори за градење доверба и е спротивно на заложбите за развој на добрососедските односи.

„Приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа сериозно погрешна порака. Националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да служат како заштита од одговорност пред надлежните институции. Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите. За случајот ќе ги информираме меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа. Ваквите постапки, за кои постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности“,
соопштија попладнево од МНР.
Како членка на Европската Унија, додаваат од Министерството, од Бугарија се очекува постапување согласно основните европски принципи и тоа – почитување на судските постапки, соработка меѓу надлежните институции и еднаквост пред законот. Од друга страна, постапките што создаваат впечаток на институционална заштита од судска одговорност, велат од МНР, се неспоиви со тие принципи.
„Остануваме посветени на развојот на добрососедските односи, засновани врз меѓусебно почитување, доверба и европски принципи. Истата одговорност ја очекуваме и од бугарската страна. Почитувањето на правдата не е прашање на политички избор, туку основна европска обврска“,
велат од МНР.
Реакцијата на МНР следува откако бугарските медиуми утринава објавија дека Ива Михаилова, на која ѝ се суди во земјава поради сообраќајна несреќа со смртни последици, со својот адвокат ја поминала границата и заминала за Бугарија. Таа во изјава за локалните медиуми кажа дека нема ништо нелегално во нејзиното заминување.
