Според наводите на обвинителството, што ги пренесуваат српските медиуми, како директорка на Алта груп доо Белград, Татјана Бундало, се товари дека изготвувала и давала налози до вработени во друштвото да составуваат и реализираат фиктивни налози за уплата на пазар, како и налози со невистинита содржина за уплата на сметката на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, без покритие во готовина
Во рамките на проширената истрага за случајот „Алта банка“ куќен притвор ѝ е одреден на уште една осомничена, вработена како благајничка во банката
Вишиот суд во Белград и одредил притвор од 30 дена на директорката на „Алта груп“, Татјана Бундало, додека на уште една осомничена, вработена како благајничка, ѝ е изречен куќен притвор со електронски надзор во рамки на проширената истрага за случајот „Алта банка“, соопштиле утрово од судот, пренесуваат српските медиуми.

Според образложението на судот, притворот на Бундало, која е наведена со иницијали Т.Б., ѝ е определен поради особени околности што укажуваат дека би можела да го попречува постапувањето со влијание врз сведоци, како и поради опасност дека во краток временски период би можела да го повтори кривичното дело, пишува Н1.
Истата опасност од повторување на делото е наведена и за забраната за напуштање на станот на осомничената Ј.П., која е предупредена дека доколку ја прекрши мерката, може да ѝ биде одреден притвор. На двете им се става на товар по едно кривично дело злоупотреба на положбата на одговорно лице во помагање.
Како, според Обвинителството, се одвивале наводните злоупотреби
Мерките против двете осомничени доаѓаат новите приведувања што ги спроведоа истражните органи на Србија (УКП, СБПОК и Одделението за сузбивање на организираниот финансиски криминал) по налог на Јавното обвинителство за организиран криминал (ЈТОК). Имено, истражувачкиот портал „Крик“ пред два дена објави дека во рамките на проширената истрага за случајот „Алта банка“ се уапсени Дубравко Мацура, брат на сопственикот на Алта банка АД Белград, Давор Мацура, и Татјана Бундало, директорка на „Алта груп“ (поранешна „Алта пеј груп“), по што им беше одредено задржување до 48 часа. Вчера беше соопштено дека е приведено уште едно лице вработено на благајна.
Во соопштението на обвинителството се наведува дека Д.М. (Дубравко Мацура н.з.), вработен во Алта банка како специјален советник за оперативно-технички работи, логистика, имот и безбедност, неовластено влегувал во депото на трезорот на банката, противправно изнесувал готовина во евра и потоа му ја предавал на осомничениот Давор Мацура. Од друга страна, Т.Б. (Татјана Бундало н.з.), како директорка на Алта груп доо Белград, се товари дека изготвувала и давала налози до вработени во друштвото да составуваат и реализираат фиктивни налози за уплата на пазар, како и налози со невистинита содржина за уплата на сметката на Давор Мацура, без покритие во готовина. Врз основа на тие налози, Ј.П., вработена како благајник во Алта банка вршела уплати на сметката на „Алта груп“ по што парите биле префрлани на приватната сметка на Давор Мацура во Алта банка.
Според наводите на Обвинителството, на овој начин на Давор Мацура му е прибавена противправна имотна корист во износ од 45 556 596 250 динари или околу 380 милиони евра на штета на Алта банка и поврзани правни лица.
Хронологија на случајот
Случајот со Алта банка ескалираше на почетокот на ноември, откако претходно следеа регулаторни и стечајни мерки. На 30 октомври Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка. Два дена подоцна, на 2 ноември, по налог на ЈТОК беше уапсен сопственикот на банката Давор Мацура, под сомнение за злоупотреба на положбата на одговорно лице и прибавување противправна корист од околу 45 милијарди динари (повеќе од 380 милиони евра) преку изнесување пари од трезорот. Заедно со него тогаш беа уапсени и директорот на Одделението за трезор и управување со готовина Г.М. и соработникот за трезорско работење И.П., осомничени за помагање.
На 3 ноември над „Алта банка“ беше прогласена стечајна постапка, а истиот ден Давор Мацура на сослушувањето во ЈТОК ја негираше вината и ги отфрли наводите од кривичната пријава, што го потврди и неговиот адвокат Исо Спаховиќ.
На 4 ноември на Мацура и на двајцата приведени им беше одреден притвор до 30 дена. Во меѓувреме, Стопанскиот суд во Белград за стечаен управник ја одреди Агенцијата за осигурување депозити, а нејзиниот Управен одбор за банка исплатувач ја избра „Поштанска штедилница“, со што на 13 ноември почна исплатата на осигурените износи на депонентите на Алта банка.
