Ѓорѓиевски најави дека вработените ќе бидат отстранети од работа и очекува реакција од правосудните органи

Вработени во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) синоќа биле затекнати како крадат значително количество нафта од гаражите на претпријатието во скопската Општина Ѓорче Петров, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на својот профил на Фејсбук.
Како што информира Ѓорѓиевски, лицата ги открила внатрешната контрола на претпријатието, по што веднаш била повикана полицијата. Тој најави дека вработените ќе бидат отстранети од работа и очекува реакција од правосудните органи.
„Очекувам Обвинителството да отвори постапка и секој за кого ќе се утврди одговорност да одговара пред законот“,
напиша градоначалникот.
Во објавата Ѓорѓиевски порача дека градот со години бил системски уништуван и нагласи дека секој литар гориво во гаражите на ЈСП е платен со пари на граѓаните за функционирање на јавниот превоз.
Тој нагласи дека негова обврска е да ги штити парите на граѓаните и дека секој што ќе посегне по нив ќе биде санкциониран, без исклучок.
„Денес, за разлика од минатото, жестоко се постапува против криминалот. Само со удар во чело можеме да се избориме против корумпираните кои го уништуваат нашето и ваше Скопје“,
додава Ѓорѓиевски.
