Поделбите главно се однесуваа на спротивставените ставови меѓу земјите – од една страна се оние, вклучувајќи ги Франција и Италија, кои сакаат да одобрат предлог со поголеми трошоци, а од друга страна се оние што се залагаат за финансиска воздржаност, предводени од Германија

Лидерите на Европската унија (ЕУ) ги одложиле преговорите за долгорочниот буџет, откако се појавиле тензии околу приоритетите за трошење на средствата и помошта за Украина, пишува Би-би-си.
Разговорите за буџетот за периодот 2028–2034 година завршија вчера, а некои земји-членки ги напуштија преговорите, кои ќе продолжат во декември.
„Не постигнавме договор“,
изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Тој ги оквалификува разговорите како „многу интересни“ и истакна дека се уште има време до крајот на годината да се најде решение.
Кошта објасни дека мнозинството земји инсистирале дека не треба да има понатамошни намалувања во предложениот нацрт, некои сакале намалување, а некои побарале преиспитување на намерата за намалување на средствата за земјоделство и кохезија.
Поделбите главно се однесуваа на спротивставените ставови меѓу земјите – од една страна се оние, вклучувајќи ги Франција и Италија, кои сакаат да одобрат предлог со поголеми трошоци, а од друга страна се оние што се залагаат за финансиска воздржаност, предводени од Германија.
Многу земји-членки сакаат буџетот да биде утврден пред одржувањето на неколку клучни избори низ Европа во 2027 година, вклучително и во Франција.
Земјите сè уште се поделени околу предлогот за доделување дополнителен заем за Украина во износ од 45 милијарди евра, поделен на средства за воени и невоени цели.
Словачка, Чешка и Унгарија изразија противење на овој заем, но германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека едногласниот договор во ЕУ е услов за одобрување на поширокиот буџет.
„Останувам на ставот дека помошта за Украина мора да биде поддржана од Европската унија во целост. Европската унија се состои од 27 земји-членки, а не од 23 или 24“,
вели Мерц во изјава за новинарите.
Бугарија, која претходно се спротивставуваше на планот, изјави дека ќе се согласи да финансира дел од заемот наменет за невоена финансиска поддршка за Киев. Ова претставува мал напредок постигнат на вонредниот самит на Европскиот совет.
Земјите-членки на ЕУ водат жестоки дискусии за долгорочниот буџет откако Европската комисија претходно оваа година поднесе предлог во вредност од 2 трилиони евра, при што некои земји изразија противење на високите нивоа на трошење.
Вчерашните разговори беа иницирани од Европскиот совет со цел да се надмине ќор-сокакот, преку предлог за намалување на трошоците за приближно 220 до 230 милијарди евра. Според тековниот предлог, буџетот изнесува 1,582 трилиони евра, сума што вклучува 140 милијарди евра за отплата на долговите направени за време на пандемијата.
Четири земји кои се залагаат за ограничување на буџетот, меѓу кои Данска и Австрија, ги напуштија преговорите по неколкучасовни состаноци.
Мерц изјави дека постои „ново поместување“ кон намалување на обемот на буџетот на ЕУ, но додаде дека „сè уште не сме стигнале до целта“, потврдувајќи притоа дека во петок во Брисел нема да се одржи нова рунда преговори.
За усвојување на европските буџети е потребна согласност од сите 27 земји-членки, при што секоја од нив практично има право на вето.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека намалувањето на долгорочните трошоци би претставувало „стратешка грешка“.
Претстојните претседателски избори во Франција станаа тема на дискусија за време на преговорите за буџетот на ЕУ, при што фаворитката Марин ле Пен ги нарече преговорите „подмолно политичко маневрирање со цел да се попречи демократската волја на францускиот народ“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вели дека на средбата имало „добра дискусија за нашиот следен долгорочен буџет на ЕУ. Пред нас сè уште има многу работа“.
„Да ја задржиме нашата амбиција. Во однос на големината на буџетот, новите сопствени ресурси и, се разбира – временската рамка. Сите знаеме дека ни е потребен договор“,
напиша Фон дер Лајен на Икс.
We had a good discussion today on our next long-term EU budget. There is still a lot of work ahead of us. Let us maintain our ambition. On the size of the budget, new own resources and of course – timing. We all know we need an agreement. https://t.co/Wv765cHCyL
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) November 26, 2026
По завршувањето на разговорите, Европскиот совет најави дека преговорите за буџетот ќе продолжат на дводневен самит, закажан за 17 и 18 декември.
