Со првата конференција би се заокружило отворањето на пристапните преговори, а со втората би се отворил кластерот „Темели“. За вториот чекор се потребни и три документи. Патоказот за реформа на јавната администрација е практично готов, вели евроамбасадорот, а на патоказот за владеење на правото и на Акцискиот план за малцинствата сè уште се работи

Ако Собранието ги усвои уставните измени, целта на Европската Унија е Северна Македонија во ист ден да одржи две меѓувладини конференции со ЕУ и да го отвори првиот преговарачки кластер – „Темели“, вели евроамбасадорот Михалис Рокас во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. За двете конференции да се одржат една по друга, потребно е дотогаш да се завршат два патоказа и еден акциски план и да се добие одобрение од земјите членки на ЕУ.
„Целта ни е, штом ќе се усвојат уставните измени, да се одржат две меѓувладини конференции една по друга, во ист ден. Со првата би се заокружило отворањето на пристапните преговори, а со втората би се отворил кластерот ‘Темели’. Тоа е нашата цел. Времето до усвојувањето на уставните измени во Собранието можеме да го искористиме за да работиме на овие три документи и да бидеме подготвени да продолжиме понатаму“,
вели Рокас.
Кластерот „Темели“, кој ги опфаќа владеењето на правото, демократијата и човековите права, се отвора прв, а се затвора последен. За негово отворање се потребни патоказ за реформа на јавната администрација и патоказ за владеење на правото, со кој е поврзан и Акцискиот план за малцинствата, објаснува евроамбасадорот.
На прашањето дали трите документи веќе може да се сметаат за завршена работа, Рокас вели дека најдалеку е стигнато со патоказот за јавната администрација.
„Сè уште не се завршени. Но, патоказот за јавната администрација е речиси готов. Мислам дека практично е завршен. На другите два документа сè уште се работи, но, колку што знам, консултациите се одвиваат добро и постои волја тие да бидат завршени многу скоро“,
вели тој.
Рокас не потврдува дека само Бугарија е против Акцискиот план за малцинствата
Прашан дали Бугарија е единствената членка на ЕУ што се противи на Акцискиот план за малцинствата, Рокас одговори дека не би сакал да шпекулира. Ги пофали консултациите меѓу Скопје и Софија.
„Колку што знам, а мислам дека тоа е и јасно, меѓу Северна Македонија и Бугарија веќе се водат консултации. Тие се во тек и се од општ карактер, не се водат конкретно за ова прашање. Мислам дека тоа треба да го поздравиме. Ваквата размена помага за подобро меѓусебно разбирање и за градење доверба“,
вели Рокас.
На дополнителното прашање дали сака да ни каже дека има и други контакти по средбата на Муцунски и Петрова-Чамова во Софија, евроамбасадорот појасни дека се повикува на медиумските објави.
„Ви го пренесувам она што се кажува во медиумите – дека консултациите се во тек. Прилично сум сигурен дека кога страните ќе бидат подготвени да соопштат нешто, ќе го сторат тоа“,
рече Рокас.
Според него, ЕУ го поддржува дијалогот меѓу двете соседни земји, а европските служби се подготвени и да се вклучат доколку тоа го побараат и Скопје и Софија.
