„Седум дена ќе почекаме нашето барање да биде разгледано од МОН, а вкупно 14 дена за да делуваат. Потоа е сосема легитимно да излеземе на протест без разлика дали ќе бидеме десет, дваесет или две до пет илјади студенти“, изјави денеска на прес-конфренција студентскиот правобранител на Универзитетот „Мајка Тереза“, Сухејб Мехмеди
Според претседателката на Универзитеското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), Ангела Василевска, во изминатиот период фокусот во јавноста се ставал на новото системско решение, а не на тоа што, како што кажа, законски им следува и е првостепено за студентите – сегашниот дневен износ од 140 денари да се зголеми на околу 180 денари односно сумата да биде усогласена со стапката на инфлација.
Националното студентско тело денеска објави резултати од онлајн анкета со околу 7.000 студенти, според кои 97 проценти од анкетираните бараат дневниот оброк од 140 денари да се зголеми на 180 денари или 4 500 денари месечно, независно од воведувањето нов системски модел. Дополнително, според анкетата, 79,5 проценти од студентите навеле дека го претпочитаат постојниот начин на исплата на субвенцијата, преку платежни картички. Резултатите од анкетата од Националното студентско тело рекоа дека ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука (МОН).

Студентските претставници, на денешната прес-конференција, најавија ултиматум од 14 дена – една недела за разгледување на барањата во МОН и уште седум дена за конкретен одговор и постапување. Доколку нема реакција, тие најавуваат протести.
„Седум дена ќе почекаме нашето барање да биде разгледано од МОН, а вкупно 14 дена за да делуваат. Потоа е сосема легитимно да излеземе на протест без разлика дали ќе бидеме десет, дваесет или две до пет илјади студенти“,
изјави студентскиот правобранител на Универзитетот „Мајка Тереза“, Сухејб Мехмеди, пренесе телевизија Телма.
Судир околу роковите, новиот модел и усогласувањето со инфлацијата
Несогласувањата меѓу студентите и надлежните е во тоа што владините предлози за нов модел и дополнителни поволности за храна се поврзуваат со почетокот на наредната академска година – од 1 октомври 2027 година, преку апликацијата „М-услуги“ и јавен повик до оператори за храна (продавници, пекари и ресторани) кои ќе исполнуваат критериуми за квалитет и безбедност.
Студентите сметаат дека одложувањето до октомври 2027 година е неприфатливо и дека барањето за корекција на износот е законско и итно. Претседателката на Универзитеското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), Ангела Василевска, на прес-конференцијата посочи дека Законот за субвенциониран студентски оброк предвидува усогласување со стапката на инфлација по секоја фискална година, но дека тоа не се спроведува три години. Според неа, во изминатиот период фокусот во јавноста се ставал на новото системско решение, а не на тоа што, како што кажа, законски им следува и е првостепено за студентите – сегашниот дневен износ од 140 денари да се зголеми на околу 180 денари односно сумата да биде усогласена со стапката на инфлација.
„Три години не се почитува Законот за субвенциониран студентски оброк и бараме државата да почне да го почитува законот што самата го пропишала. Износот треба секоја година да расте според ифлациската стапка по секоја фискална година. Сега сум четврта година на студии и досега само еднаш е покачен студентскиот оброк, кога бев прва година. Студентите се гладни и три години оставени на цедило, студентскиот оброк мора веднаш да се покачи. На сите факултетски бифеа за 140 денари не може да се најде ни делумно од оброк“,
изјави Василевска.
Таа нагласи дека пресметката треба да се направи кумулативно од почетните 140 денари за трите години во кои оброкот не бил покачен, за да се добие реалната сума.
„Инфлациска стапка не се пресметува само од минатата година. Туку од 140 денари треба да се направи истата пресметка за претходните три години кога не бил зголемен оброкот за да може сега да се добие точната сума“,
рече Василевска.
Во однос на понудените поволности, Василевска и студентските претставници оценуваат дека најавените дополнителни попусти за храна преку нов модел не се доволно решение, бидејќи студентите веќе користат попусти во дел од угостителските објекти, рестораните, пекарниците и компаниите, што за нив „не е некоја нова мерка“, а пролонгирањето до есен 2027 година го сметаат за „одолговлекување и уште една година извисување на студентите“.
Ставот на МОН
Од Министерството за образование и наука за телевизија Сител навеле дека сè уште не добиле писмен одговор од студентите за владиниот предлог за нов модел за субвенциониран студентски оброк.

„МОН и Владата доставија предлог до студентите за зголемување на износот на дневната субвенција за оброк, дополнителен попуст по искористување на месечниот износ и промена на моделот со цел користење на средствата исклучиво за храна. Од студентите се уште немаме добиено писмен одговор“, велат од МОН на ваквите барања на студентите“,
велат од ресорното Министерство.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, завчера потврди дека на 23 ноември имала средба со новиот претседател на Студентското собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Адам Стојановски, на која било разговарано за субвенционираниот оброк и за потребата студентите да спроведат анкета и консултации со факултетските собранија.
Според Јаневска, МОН ќе продолжи да исплаќа по 140 денари дневно согласно законската обврска, додека работна група го разработува новиот модел преку „М-услуги“, а од универзитетските собранија се очекуваат писмени ставови. Во однос на висината на евентуално усогласување, откако претходно во јавноста се споменуваа суми од 160 и 161 денар, министерката посочи дека според пресметките што ги направиле во МОН, врз основа на стапките на инфлација од Државниот завод за статистика, субвенцираниот студентски оброк во моментов треба да изнесува 156 денари.
Сепак, примената на усогласувањето е на чекање поради правни нејаснотии. Јаневска во гостување во емисијата „360 степени“, емитувана во понеделнико (23 ноевмри) истакна дека во законот е утврден фиксен износ од 140 денари без јасно да се прецизира чија е обврската за корекција, што отвора простор за двојно толкување. Поради неусогласувањето на висината на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата до Управиот суд се поднесени три тужби, од кои две се од невладиниот Форум за образовни промени и една од Либерално-демократската партија. Јаневска најави дека МОН можеби ќе побара автентично толкување од Собранието, но дека во моментов ги чека исходите од судските постапки по поднесените тужби.
